Топ
33-годишна жена и малолетник починале во тешка сообраќајна несреќа на патот Крушево – Кривогаштани, три лица повредени

Во текот на вчерашниот ден, во 17 часот, било пријавено дека на регионалниот пат Крушево – Кривогаштани, на местото наречено Студена Вода, патничко возило „алфа ромео“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од С. С. (35) од с. Канатларци, Прилепско, излетало надвор од коловозот.
По несреќата, во Општата болница Прилеп биле пренесени Џ. С. (33) од с. Канатларци, која во болницата им подлегнала на повредите, и малолетникот, кој бил препратен во комплекс клиниките „Мајка Тереза“, но при транспортот починал, а смрт констатирал лекар.
А тешки телесни повреди добиле возачот и уште двајца малолетни сопатници. Извршен бил увид од екипа на ОВР Крушево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денеска нова авионска линија Скопје – Париз („Орли“)

Од денеска Скопје и официјално директно се поврзува со Париз преку новата авиолинија Скопје – Париз. Утрово, на Меѓународниот аеродором „Скопје“ се реализира првиот лет од Париз, и тоа од аеродормот „Орли“ до Скопје на авиокомпанијата „Изиџет“.
Линијата ќе се реализира двапати неделно и таа е воведена како резултат на финансиската подршка што ја овозможи Владата преку Министерството за транспорт преку програмата за воведување нови дестинации.
Во сгласност со договорот, авиокомпанијата „Изиџет“ оваа линија ќе ја оперира од денеска – 2 април, па сè до 31 декември 2027 година со однапред определен ред на летање.
„Ова е уште една можност за подобра комуникaција и поврзување на Македoнија со европските земји и европските метрополи. Париз е атрактивна дестинација за патување, но уште поважно е дека туристи ќе носиме во Македонија. Како Влада создаваме услови со кои привлековме нови авиокомпании во Македонија и резултатите веќе се видливи. Осум нови дестинации од аеродромот во Скопје и две од аеродромот во Охрид се воведени за многу краток период. Го променивме целосно моделот на субвенционирање и наместо за заминување, даваме финансиска подршка за патници во доаѓање затоа што целта е што повеќе луѓе да доаѓаат во Македонија, а тоа значи дека ќе користат и други услуги во земјата и ова е стартегија што ја применуваме од самиот почеток и која ни дава конкретни резултати. Веќе преговараме со други авиокомпании и мислам дека сме на добар пат да постигнеме договор за нови дестинации“, истакна вицепремиерот Николоски.
Линијата Скопје – Париз е дел од договорот за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, што го реализира Министерството за транспорт преку јавен повик за субвенционирање.
Од Скопје, освен Париз, се воведуваат и линиите кон Дубаи, Штутгарт, Лион, Барселона, Женева и Амстердам, а од Охрид кон Истанбул и Базел.
Во согласност со програма за финансиска подршка 2025 – 2027 година, донесена од страна на Владата, предвидени се 360 милиони денари за субвенции за воведување нови авиолинии.
Оваа програма има цел да да го унапреди авиосообраќајот, да се обезбедат нови дестинации преку поволни услови за патување за граѓаните, како и развој на цивилното воздухопловство.
Македонија
Водостоите на сите реки во земјата се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи и во текот на денот

Според утринските податоци од хидролошките станици низ земјава, водостоите на сите реки низ земјава се доста високи и таа тенденција се очекува да продолжи во текот на денешниот ден, известува УХМР.
Поради обилните врнежи од дожд, во текот на вчерашниот ден регистрирани се локални излевања на река Маркова на неколку места по течението на реката. Во текот на денот се очекува, постепено намалување на водостојот, стабилизирање на состојбата со водостојот и постепено повлекување на водата.
Значително е висок водостојот на река Вардар по целото нејзино течение, од горниот дел во Полошката Котлина, во градот Скопје и низводно накај Велес во средниот и долниот дел од сливот во Демир Капија и Гевгелија. Во текот на денот се очекува и понатаму да остане висок водостојот посебно во средниот и долниот дел од сливот каде би се префрлил водниот бран.
Висок е и водостојот на река Треска каде околу месноста Пласница е можно локално излевање на реката и поплавување на околните ливади. Во текот на денот се очекува постепено стагнирање на водостојот на река Треска, но тој да продолжи да биде висок. Исто така, висок е водостојот на река Струмица по целото течение на реката, а пред се поради врнежите во Косово и река Лепенец бележи зголемен водостој во текот на изминатава ноќ и изутринава кој во текот на денот се очекува да биде во намалување. Доколку денеска на одредени места врнежите бидат поројни можно е да се очекува брз и рапиден пораст на водостојот на помалите реки и суводолици, соопшти УХМР.
Од таму предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.
Свет
Трамп со денешната одлука го менува светот: ова се трите најважни прашања

Доналд Трамп вели дека царините доаѓаат. Таа порака од американскиот претседател останува конзистентна. Но кои царини и кога? Увозните даноци се воведуваат толку брзо и често откако тој ја презеде функцијата што е тешко да се следи, пишува Би-би-си.
Трамп веќе ги зголеми царините за увоз од Кина, челик, алуминиум и одредени производи од Канада и Мексико. Оваа недела треба да стапат на сила повисоките царини за автомобилите. Сега чекаме Трамп да ги открие деталите за неговиот план за поширок сет на царини, на кои неговиот тим работеше во последните неколку недели. Белата куќа го нарекува Ден на ослободувањето. Значи, што би можеле да дознаеме во среда?
Колку ќе бидат царините?
Белата куќа не соопшти колку високи би можеле да бидат царините, иако аналитичарите предложија различни можни стапки. За време на минатогодишната кампања, Трамп се залагаше за царина од 10% за целиот увоз во САД и повремено сугерираше дека таа би можела да биде висока до 20% – па дури и 60% – на увозот од Кина.
По преземањето на функцијата, тој ја претстави идејата за „реципрочни“ царини, сугерирајќи дека стапките може да варираат од земја до земја. „Многу едноставно, ако ни наплатат, ние им наплатуваме“, рече тој во февруари, непосредно пред да им нареди на официјалните лица да развијат таков план.
Речиси веднаш потоа, Белата куќа ги искомплицира работите велејќи дека нивните препораки ќе ги земат предвид не само царините, туку и другите политики што ги сметаат за нефер за американскиот бизнис, како што е данокот на додадена вредност (ДДВ).
Тоа предизвика конфузија додека компаниите и политичките лидери се обидуваат да откријат колку новиот данок би можел да ги погоди нивните производи – и како оној што е најавен за денеска ќе се вклопи со постоечките царини, како што се оние за челик и алуминиум што Трамп веќе ги наметна.
На пример, европските претставници се подготвуваат за двоцифрени царини за нивниот извоз. Трамп претходно оваа година рече дека планира да воведе царина од 25 отсто за стоки од Европската унија.
Кои земји би можеле да бидат засегнати?
Администрацијата на Трамп сè уште не потврди кои земји ќе бидат погодени, иако тие ја опишаа најавата за среда како сеопфатна. Во неделата, претседателот рече дека новите царини би можеле да важат за „сите земји“, сугерирајќи можно враќање на идејата за сеопфатна царина што тој ја поддржуваше за време на кампањата.
Ова ги уништи надежите во некои земји, како што е Велика Британија, која се надеваше дека ќе остане под радарот – иако многумина сè уште сакаат да преговараат за некој посебен договор. Останува нејасно дали царините ќе бидат универзално применети или насочени.
Минатиот месец, секретарот за финансии Скот Бесент рече дека напорите биле насочени кон „валканите 15“ – 15% од земјите кои го сочинуваат најголемиот дел од трговијата со САД и кои наметнуваат царини или други прописи што ги ставаат американските компании во неповолна положба. Канцеларијата на трговскиот претставник на САД, додека ги подготвуваше своите препораки, ги идентификуваше земјите за кои е „особено заинтересиран“.
Тоа беа: Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Европската Унија, Индија, Индонезија, Јапонија, Кореја, Малезија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Швајцарија, Тајван, Тајланд, Турција, Обединетото Кралство и Виетнам.
Трамп упати некои од своите најжестоки критики кон историските сојузници и големите трговски партнери, како што се Канада и ЕУ. „Пријателот е често многу полош од непријател“, изјави тој минатата недела.
Какво ќе биде влијанието на царините?
Царините се даноци за увоз. Па, клучното прашање е: кој ќе плати?
Технички, одговорот е едноставен: американските компании кои увезуваат стоки ќе бидат тие што ќе ја платат сметката – особено ако Белата куќа одлучи да воведе царини „веднаш“, како што предложи во вторникот портпаролката Каролина Левит.
Но, колку се повисоки царините, толку повеќе компаниите ќе бараат начини да ги надоместат тие трошоци – дали со менување добавувачи, споделување на трошоците со деловни партнери или зголемување на цените за Американците. Многу компании велат дека веќе се подготвуваат за овој чекор. Но, тоа е ризична игра бидејќи, ако цените се зголемат премногу, купувачите едноставно ќе се откажат.
Оваа динамика го зголемува ризикот од економска рецесија – и во САД и во странство, каде што многу компании се потпираат на американскиот пазар. Трамп вели дека компаниите кои сакаат да избегнат царини можат едноставно да ги префрлат операциите во САД, но тоа не е брзо или лесно решение, со оглед на високите трошоци за ангажирање и отворање фабрика.
Кога ќе се вклучат валутни флуктуации и можни контрамерки од други земји, последиците од обидот на Трамп да го ресетира глобалниот трговски биланс најверојатно ќе се почувствуваат долго по објавувањето денеска.