Топ
Детали за сообраќајката кај Росоман: Се судриле четири возила, починатите се од Прилеп и Свети Николе
Четири возила учествувале во сообраќајната несреќа што се случи утрово кај Росоман, кај местото викано „Камен дол“.
Две лица го загубија животот, а уште тројца се тешко повредени.
Според деталите од полицијата, најпрво се судриле две возила, а потоа комбе излетало од коловозот за да го избегне судирот, но во него удрил четвртиот автомобил.
„Сообраќајната несреќа се случила помеѓу возило „фиат добло“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од К.Ѓ.(55) од Прилеп и патничко возило „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од Љ.С.(61) од Свети Николе. Малку подоцна на истото место, патничко возило „даеву матиз“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(55) од Свети Николе, удрило во комбе „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.И.(52) од Скопје, кое претходно излегло од коловозот за да ги избегне двете возилата кои учествувале во несреќата“, велат од МВР за „Макфакс“.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Ѓ. од Прилеп и сопатничката во возилото „голф“, С.С.(55) од Свети Николе, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци.
Со тешки телесни повреди се здобиле возачите Љ.С. и С.С., како и сопатничка во возилото „матиз“, О.С.(54) од Свети Николе, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица Кавадарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) За Мицкоски контролата на цените не е популизам, туку заштита на граѓаните, најави праведност и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите и кон оние што избегнуваат обврски
Денешната конференција за формализирање на неформалната економија не е само експертска расправа. Таа е разговор за праведност во општеството. За довербата во системот. За тоа дали ќе дозволиме чесните да бидат казнувани, а нечесните да профитираат, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, сивата економија не е апстрактен поим. Таа е, како што вели, изгубен приход за државата, но уште поважно – изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии итн.
„ Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој којшто работи чесно.
Нашата цел е јасна: формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално.
Во тој процес сакам јавно да изразам искрена благодарност до министерката за финансии, Гордана Кочовска Димитриевска, за нејзината исклучителна посветеност, професионалност и дисциплина во управувањето со јавните финансии.
Во време на глобални економски притисоци, растечки трошоци и неизвесности, Министерството за финансии обезбеди стабилност, контрола и подобрена наплата на приходите“.
Благодарност упати и до Министерството за економија и труд, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција итн. Нивната координирана и засилена акција во сузбивање на даночните измами, финансискиот криминал и нелегалните теков, за Мицкоски, испраќа јасна порака, дека законот важи за сите.
„Нема селективност. Нема привилегирани. Секој што работи – мора да придонесува.
Но, да бидеме искрени – оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска.
Затоа работиме на: Дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци; Намалување на административните бариери за регистрација на бизнис;
Стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија;
Зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите.
Нашата стратегија се темели на три принципи: поедноставување, правичност и поддршка“.
Осврнувајќи се на цените во маркетите тој истакна дека владата ја споделува загриженоста на граѓаните.
„Глобалните движења, енергетските шокови и нестабилностите влијаат врз пазарите. Но тоа не смее да биде алиби за неоправданите маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните.
Пазарната економија значи слобода на трговија, но не значи без контрола. Конкуренцијата мора да биде фер. Потрошувачот мора да биде заштитен.
Затоа ќе продолжиме со: Засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи; Анализа на трговските маржи; Координација со надлежните институции за спречување на евентуални злоупотреби; Дијалог со трговците и производителите за стабилизирање на пазарот. Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард.
Ние немаме право да дозволиме нечесноста да биде попрофитабилна од чесноста. Немаме право да дозволиме граѓаните да плаќаат повеќе поради нечии шпекулативни практики. Немаме право да толерираме систем во кој некој работи во сенка, а другиот ја носи тежината на системот“.
Како што наведе премиерот, силна држава подразбира ред.
„Праведно општество подразбира еднакви правила за сите.
Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните. Борбата против сивата економија не е кампања. Таа е процес.
Контролата на цените не е популизам. Таа е заштита на граѓаните. Ќе бидеме и цврсти и праведни.
И кон оние што избегнуваат обврски. И кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

