Европа
Пронајдено тело на австриските Алпи: полицијата верува дека таму било 22 години
Планинарски водич пронашол остатоци од човек за кој се верува дека загинал во несреќа на глечер пред 22 години високо на австриските Алпи, соопшти денеска полицијата.
Телото беше пронајдено на глечерот Шлатенкис во националниот парк „Хохе тауерн“ во источната провинција Тирол, блиску до италијанската граница и на надморска височина од 2.900 метри.
Водичот ја известил полицијата во Лиенц, која го извлекла телото со помош на хеликоптер. Неколку метри под телото спасувачите пронашле ранец со пари, банкарска картичка и возачка дозвола. Полицијата утврдила дека, најверојатно, станува збор за посмртните останки на Австриец, кој во моментот на исчезнувањето имал 37 години, јавува „Асошиетед прес“.
Исчезнатиот носел опрема за скијање. Се прави споредба на ДНК за да се потврди идентитетот на мажот, а резултатот се очекува за неколку недели. Поради топењето на глечерите, за што многу научници вината ја наоѓаат во климатските промени, има сè повеќе откритија на останки на планинари, скијачи и други алпинисти, кои исчезнале пред неколку децении.
Во соседна Швајцарија полицијата минатиот месец објави дека ДНК-тестовите потврдиле оти телото пронајдено на глечер во близина на Матерхорн е на исчезнат германски планинар од 1986 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.