Македонија
Лога: Да имаме затвори што ги задоволуваат европските стандарди, да го следиме примерот на БиХ

Министерот за правда Кренар Лога за време на работната посета на БиХ го посети најсовремениот затвор на Балканот во сараевската населба Илиџа, кој е изграден според највисоките европски стандарди. Со изградбата на оваа установа се намали пребукираноста во затворите. Европската Унија за него издвои над 11 милиони евра финансиски средства. Има капацитет за 300 затвореници и 50 места за притвор. Располага со најсовремено опремени простории, спортски терени, работилници, храната се служи во ќелиите, а има и посебна просторија за молитви и практикување религија.
„Со цел да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на состојбата во казнено-поправните установи во нашата држава, министерот за правда, Кренар Лога, оствари средба со вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томаш Бочек, и со Арно де Вердиер, кантри-менаџер од Банката за развој на Советот на Европа.
Министерот Лога беше информиран за проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“, кој се спроведува со кредит од Банката за развој на Советот на Европа. Од страна на претставниците на Банката беше побарано во најкус можен рок преземање ефективни мерки за санирање на оштетувањата и штетите настанати во полуотвореното и отвореното одделение во КПУ ‘Идризово’“, информираат од Министерството за правда.
Успешната реализација на проектот претставува само една од основите за подобрување на целокупната состојба со условите во затворите, третманот и постапувањето со притворените и осудените лица, како и постигнување ресоцијализација на лицата што издржувале казна затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Левица е на услуга на ДУИ, сега си направиле пазар од кој ќе профитира или ќе се обиде да профитира ДУИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот митинг, со кој се започна кампањата за претстојните локални избори, и кој се одржа во Скопје во Спортскиот центар ,,Јане Сандански“ на кој се осврна и на коалицијата ДУИ и Левица, односно на Али Ахмети и Димитар Апасиев.
Мицкоски објасни дека сега јасно се гледа дека Левица игра во корист на ДУИ, како што претходно играла во корист на СЈО и Зоран Заев.
„Постојат две коалиции, две коалиции надвор од видливото. Првата е онаа меѓу Али и Димче, помеѓу ДУИ и Левица. Левица само го покажа своето вистинско лице кое што сите ние го знаеме. Тие се на отворен пазар, на услуга на Али и ДУИ. Сетете се, да не заборавиме, прво го помагаа СЈО за добри хонорари, потоа самиот Заев отворено кажа дека правеле тајни коалиции за наводно да ја спаселе Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан. А сега си направиле пазар од кој ќе профитира или ќе се обиде да профитира ДУИ. А тие пак од ДУИ, со истите трикови се децении наназад. Како стара закачица, провоцираат и едвај чекаат да им одговорам“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа „сигурно пресметале дека ќе им вратам, па така ќе им го подобрам уништениот рејтинг“.
„Таа нивна игра мора и Албанците и Македонците и сите останати да ја знаат и разберат. Така ДУИ си го крева рејтингот. А тезите им се стари и излитени – те. „крвови“, те „јастреби, те орлите, те зајаци“, истото тоа, истиот фолклор го споменуваат 20 години, тоа со години е истиот филм. Албанците му се иселија. Парам-парчe направија од крадење Албанците – дури и од неговото Зајас – се иселија; исто како во Дебар, Струга, Тетово, Гостивар, Кичево и насекаде што живеат.. Дваесет години беа на власт. Видовме се што можат, но и што не можат. И тие метафори на митинзите повеќе не им поминуваат – добри се, ако одлучиле да се занимаваат и да глумат хумористични филмови за да може да насмеат некого. Но, не и да влеат надеж каква им е потребна на сите граѓани во Македонија“, посочи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Со Златко Кузмановски Демир Хисар отвора нова страница на развој и напредок

На граѓанската трибина во Демир Хисар, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека за реализација на програмата и визијата која ја која ја нуди СДСМ за општина Демир Хисар, го имаат најдобриот кандидат за градоначалник, Златко Кузмановски.
„Верувам, и стојам одговорно зад тоа, дека Златко ќе ја води општина Демир Хисар чесно, со интегритет и со почит кон секој граѓанин. Тој ќе отвори нова страница за Демир Хисар, страница на развој, можности и напредок“, рече Филипче.
Тој додаде дека Кузмановски е народен човек, кој е постојано меѓу своите сограѓани и дека ги разбира нивните потреби и секојдневни предизвици.
Македонија
Максим Димитриевски: Мудроста на постарите и енергијата на младите се темел за иднината на Куманово

Денес кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, оствари повеќе значајни средби и активности со цел уште еднаш да ја потврди посветеноста кон сите категории граѓани.
На средбата со членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав во Куманово – ЗАПВАРС, Димитриевски ја истакна нивната мудрост и искуство како темел врз кој се гради посилно и побезбедно Куманово. „Горд сум на нивниот активизам и придонес во заедницата и подготвен сум заедно да продолжиме да создаваме подобра иднина за сите нас“, нагласи тој.
Посебно место во денешните активности имаше средбата со младите од Клубот на млади на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, ОО Куманово. „Енергијата и ентузијазмот што ги носат младите се вистински ветар во грб и мотив за мене. Ветувам – ќе обезбедиме можности и услови за младите, затоа што тие се енергијата што го движи овој град напред“, рече Димитриевски.
Во текот на денот, тој се сретна и со жителите на Умни Дол, Железничка и Ново Село, каде што одблиску ги слушна нивните предлози и потреби. Денот заврши со мини митинг пред Пожарна, каде Димитриевски уште еднаш ја потенцираше важноста на директната комуникација со граѓаните.
„Секој разговор е инспирација и потврда дека сме на вистинскиот пат. Заедно со мудроста на постарите генерации и свежите идеи на младите, градиме иднина дома – во наше Куманово“, порача Димитриевски.