Топ
Прегазен пешак во Скопје: во него удрил мопед управуван од малолетник

Вчера, во 15.30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од улицата Благоја Паровиќ и улицата Никола Милошевски во Скопје, мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Скопје, удрил во пешакот А. А. (84) од Скопје.
Во несреќата пешакот добил тешки телесни повреди, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор и мерки на претпазливост за обвинетите во предметот „Онкологија“

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицински и организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.
„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, соопшти Обвинителството.
Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.
Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање.
„Ваквите мерки според обвинителството се неопходни за непречено водење на кривичната постапка“, се наведува во соопштението.
Македонија
Даниловски за мајмунските сипаници: Болеста не се пренесува лесно, претпазливост, но не и паника

Откога Институтот за јавно здравје вчера потврди два случаја на monkeypox – мајмунски сипаници во Македонија, епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи објаснува за какво заболување станува збор.
„Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox-вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен исип, кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или на други делови од телото. Инкубацискиот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени може да се развијат посериозни компликации“.
Даниловски објаснува како се пренесува болеста.
„Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице; близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос; контакт со контаминирани предмети, како облека, постелнина или прибор; респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице“.
Важно е, како што напоменува, дека болеста не се пренесува лесно.
„Потребен е близок, продолжен контакт“.
Според него, ризикот за епидемија е многу низок, а состојбата се следи од здравствените власти.
Даниловски советува и што да направите за сопствена заштита.
„Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода), избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување лични предмети, консултирајте лекар при сомнителен осип. Информирајте се од релевантни извори – не од шпекулации“.
Мајмунските сипаници, како што вели, не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата, според него, бара информираност и претпазливост, но не и паника.
Од Институтот за јавно здравје најавија дека ќе продолжат да ја следат состојбата.
„Во моментот нема простор за паника бидејќи бргу и навремено институционално се преземаат сите потребни мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и се преземаат сите превентивни мерки“, беше нагласено во официјалната информација од ИЈЗ.
Тие најавија подетаљни информации во текот на денешниот ден.
Македонија
Сиљановска-Давкова во посета на Ватикан на манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во посета на Италија и на Ватикан и ќе ја предводи македонската државно-црковна делегација по повод манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“.
Денеска, Сиљановска-Давкова ќе присуствува на молебенот во чест на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“.
На 24 мај, сабота, претседателката ќе ја посети базиликата „Света Марија Велика“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциско.
Вечерта, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“, претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.
На 26 мај, понеделник, во Апостолската палата, Сиљановска-Давкова ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост, папата Лав IV, и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин. Потоа, во Рим ќе има билатерална средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Во составот на македонската државно-црковна делегација, која ќе ја предводи претседателката Сиљановска-Давкова, се предвидени: Зоран Љутков – министер за култура и туризам, Елена Кузмановска-Биондиќ – државен секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Оливера Трајковска – директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, митрополит тетовско-гостиварски – г. Јосиф, епископ стобиски – г. Јаков од МПЦ-ОА и протојереј ставрофор – отец д-р Зоран Стојанов од Католичката црква.