Македонија
Грковска – Кежмах: Судиите мора да ја чуваат својата независност, не смее да има солидарност за оние што се корумпирани

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во Љубљана, Република Словенија, имаше работен состанок со потпретседателката на словенечкиот Судски совет, Уршка Кежмах, со која размени мислење за механизмите за унапредување на независноста и интегритетот на Судскиот совет.
Вицепремиерката Грковска ги сподели предизвиците со кои се соочува македонскиот Судски совет, кои придонесоа за губење на кредибилитетот на оваа институција. Таа информира дека минатата недела во Северна Македонија заврши оценската мисија од страна на Европската комисија, која ја предводеше хрватскиот експерт и судија Бранко Хрватин. Во наредниот период, додаде таа, се очекува да пристигне извештајот од оценската мисија по што нашата држава ќе мора да пристапи кон сериозни реформи.
Во таа насока, додаде Грковска, за нас ќе биде многу важно искуството на земјите членки на Европската Унија во примената на европската регулатива, особено во правосудниот систем и унапредувањето на независноста и јакнењето на интегритетот.
Вицепремиерката Грковска информира дека на експертскиот тим делегиран од Европската комисија му доставила конкретни предлози преку кои може да се надминат слабостите во Судскиот совет, а кои се однесуваат на унапредување на мерит-системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на професионалноста, независноста и ефикасноста на оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претпладне променливо облачно со сончеви периоди, попладне намалување на облачноста

Претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Во западните планински региони ќе има услови за слаб дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб, долж Повардарието умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
„Навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем“, извести Државната изборна комисија.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.