Македонија
Во Скопје одбележан денот на Бошњаците
Со свеченост во хотелот „Александар палас“ во Скопје беше одбележан Денот на Бошњаците, кој е и официјален државен празник за припадниците на бошњачкиот народ во Северна Македонија, а во организација на Странка на демократска акција на Македонија.
Меѓу присутните на прославата имаше повеќе истакнати личности од јавниот живот, претставници на дипломатскиот кор во земјата, на политичките партии, министри, пратеници и претставници на граѓанскиот сектор.
Пред присутните на настанот се обрати претседателот на партијата Странка за демократска акција (СДА) во Северна Македонија, Џелал Хоџиќ. Tој потсети дека денеска во целиот свет се одбележува Меѓународниот ден на Бошњаците, чија цел е зачувување на националниот идентитет, а по повод на 30 години од 28 септември 1993 година, кога во Сараево се одржа бошњачкото собрание и беше донесена одлука за враќање на историското име Бошњак и враќање на историското именување на јазикот како босански јазик. Хоџиќ истакна дека Бошњаците од Македонија за време на пописот во 1994 година имале први можност го употребат историското име Бошњак и да го именуваат јазикот како босански. Тој се осврна на конструктивната улога на Бошњаците во градењето на македонска самостојна држава, која почна со поддршката за референдумот за независност во 1991 година.
Хоџиќ потенцира дека Бошњаците се интегрирани во македонското мултикултурно општество, како и дека Бошњаците се алката за одличните односи, без отворени прашања, помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
На прославата се обрати и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, кој истакна дека Бошњаците се вредна коцка од македонскиот културен мозаик. Маричиќ им оддаде признание на припадниците на бошњачкиот народ за придонесот во развојот на Северна Македонија како демократска држава, како и за придонесот во остварувањето на стратешките цели на државата.
Претседателот на СДА Македонија, г. Хоџиќ, заедно со вицепремиерот за евроинтеграции, г. Маричиќ, испрати порака дека следната стратешка цел и на бошњачкиот народ и на Северна Македонија како држава е заедничка, тоа е членството во ЕУ како следен чекор по членството во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

