Европа
Германија ја смета Турција помагач на исламистичките терористи
Германската влада гледа на Турција како на платформа за поддршка на исламистичките и терористичките групи на Блискиот исток, произлегува од доверливиот документ на владата во Берлин кој го објави јавниот сервис ARD во вторникот.
„Соработката со исламистичките и терористички организации на Блискиот и на Средниот исток веќе повеќе години е свесна насока на турската надворешна политика која претседателот Реџеп Тајип Ердоган свесно ја поддржува“, се наведува во документот на Сојузната влада којшто се заснова на информациите добиени од Германската разузнавачkа служба (BND).
„Многубројните изјави на солидарност и конкретните акти на помош на египетските Муслимански браќа, палестинскиот Хамас како и многубројните вооружени исламистички групи во Сирија кои доаѓаат од страна на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP) и нејзиниот претседател Ердоган, ја подвлекуваат идеолошката наклонетост кон Муслиманските браќа“, се наведува во одговорот упатен до пратеничката група на партијата Левица во германскиот Буднестаг (парламентот), која од владата барала изјаснување за политиката кон Турција.
Германската влада во овој документ првпат власта на турскиот претседател Ердоган ја доведува директно во блиска воза со една терористичка организација како што е палестинското исламистички движење Хамас која во Европската унија како таква се води од 2003 година.
„Како последица на постапната исламизација на турската внатрешна и надворешна политика, особено по изборите во 2011 година, Турција се развила во платформа за дејствување на исламистичките групи на Блискиот и на Средниот исток“, се наведува во доверливиот документ на владата на Германија.
Документот не бил наменет за јавно објавување поради „чувствителната содржина“. Партијата Левица на владата на канцеларката Ангела Меркел ѝ префрла за дволичност во политиката кон Турција која ја карактеризира обидот да се задржат добрите односи поради договорот на Европската унија со Анкара околу бегалците и карактеризирањето на Турција како авторитарна држава која негува контакти со исламистичките терористички организации, од друга страна.
Односите меѓу Германија и Турција се извонредно напнати последните месеци откако германските пратеници изгласаа декларација со којашто масакрите над Ерменците во Османлиската империја од Првата светска војна го карактеризираше како геноцид, што ја разгневи Анкара, и потоа и поради отворените критики од голем дел на германската јавност на сметка на турскиот претседател Ердоган. Истовремено на турската влада ѝ се префрла поради справувањето со движењето на исламскиот клерик Фетулах Ѓулен по неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули и обидот да се влијае врз турската заедница во Германија којашто брои над три милиони граѓани./крај/мф/сн
Извор: DP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Го нарекуваат втор човек на Украина, за Зеленски е незаменлив: сега е во опасност да падне
Шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, близок соработник на Володимир Зеленски, во последниве години акумулираше моќ што ретко се гледа во модерна Украина.
Иако никогаш не беше избран на функција и не ужива широка поддршка, неговите критичари тврдат дека тој ефикасно станал втор човек во земјата – а сега, по најголемиот корупциски скандал во мандатот на Зеленски, тој е под растечки притисок да се повлече, пишува „The Kiev Independent“.
Јермак влијае врз одлуките на парламентот, владата и клучните државни органи, го контролира пристапот до претседателот и е централна фигура во многу дипломатски процеси.
Украинските и западните претставници го опишуваат како личност која сака да има увид и влијание врз речиси секој голем процес во земјата, но во исто време ужива многу ниско ниво на јавна доверба и скептичен став од партнерите во Брисел и Вашингтон.
Најголемиот тест за неговата моќ дојде со неодамнешните истраги против корупција што влијаеја на внатрешниот круг околу Зеленски. Иако Јермак не е меѓу осомничените, повеќе извори тврдат дека неговото име се појавува во истрагата и дека е тешко да се замисли толку голема шема што функционира без негово знаење.
Националното биро за борба против корупцијата објави снимки на кои наводно се гледаат пријателите на претседателот и високите функционери како земаат мито и перат пари преку државни договори, во шема вредна повеќе од 100 милиони долари. Наводниот организатор е Тимур Миндич, долгогодишен партнер на Володимир Зеленски во продуцентската куќа „Квартал 95“, кој го нарекувал Јермак свој пријател. Миндич избегал од земјата пред неговото апсење.
Според извори од органите за спроведување на законот, дел од парите наводно биле искористени за изградба на четири луксузни вили во близина на Киев под надзор на поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, при што една куќа, тврди изворот, била наменета за Јермак. Корупциски скандали ја следат неговата канцеларија со години: поранешниот заменик-премиер Андриј Смирнов е обвинет за нелегално богатење и поткуп, а други блиски соработници се испитуваат под сомнение за корупција.

За критичарите на Јермак, неподготвеноста на Кабинетот на претседателот да преземе решителни мерки против вмешаните функционери покажува барем толеранција кон корупцијата, а потенцијално и негова лична вмешаност во мрежи на влијание и фаворизирање.
Зошто Јермак е незаменлив за Зеленски
Подемот на Јермак е поврзан со личната доверба на претседателот. Поранешен адвокат и продуцент без политичко искуство, тој влезе во политиката благодарение на неговото познанство со Зеленски од 2010 година. Во Киев, тој е опишан како совршен извршител: некој што презема задачи надвор од неговиот формален опсег и обезбедува волјата на претседателот да се извршува без оспорувања.
Аналитичарите и поранешните вработени во Кабинетот на претседателот велат дека Јермак го изградил своето влијание со тоа што го држел Зеленски во „психолошки удобна“ средина – тој презема одговорност, ги ублажува критиките и ги отстранува луѓето што би можеле да му се спротивстават или да го засенат претседателот.
Во пракса, Зеленски поставува политички цели, додека Јермак управува со оперативните аспекти – од кадровски одлуки до преговори со меѓународни партнери. Неколку извори го опишуваат како „главно копче на далечинскиот управувач“ на претседателот и тврдат дека Јермак е де факто втор центар на моќ во земјата.
Во исто време, неговата лична непопуларност го прави зависен од Зеленски: анкетите покажуваат дека само околу 17 проценти од граѓаните му веруваат, додека повеќе од две третини не му веруваат.
фото: принтскрин
Европа
Напнато во Полска: подигнати борбените авиони поради руските напади врз западна Украина
Полски и сојузнички авиони полетаа рано утрово за да го обезбедат полскиот воздушен простор откако Русија изврши воздушни напади во западна Украина, во близина на полската граница, соопштија вооружените сили на членката на НАТО.
„Парови борбени авиони за брза реакција и авион за рано предупредување беа подигнати во воздух, додека системите за воздушна одбрана и радарска контрола беа ставени на највисоко ниво на готовност“, соопшти Оперативната команда во објава на социјалната мрежа Икс, објави Ројтерс.
Во 05:00 часот по централноевропско време, речиси целата територија на Украина беше под воздушна тревога откако украинските воздухопловни сили предупредија за нови руски ракетни и беспилотни летала напади.
фото: принтскрин
Европа
Руски дронови погодија станбена зграда во Харков: има повредени, избувна пожар
Руски беспилотни летала погодија станбена зграда во Харков, вториот по големина град во Украина. Во нападот избувна пожар, неколку лица беа повредени, а властите евакуираа дел од населението, објави Ројтерс.
Беспилотни летала погодија две централни градски области – Слобидски и Основјански – по полноќ.
Регионалниот гувернер Олех Сињехубов изјави дека во нападот биле употребени 11 беспилотни летала и дека седум лица се повредени. Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека 22 жители биле евакуирани од еден дел од оштетената зграда.
Градоначалникот, исто така, рече дека друг дрон го погодил подрачјето пред медицинската установа, повредувајќи еден лекар и оштетувајќи ја зградата и околните возила.
Харков, кој се наоѓа на околу 30 километри од руската граница, успешно се спротивстави на заземањето во раните фази од руската инвазија во февруари 2022 година и останува честа цел на руските воздушни напади.
фото: принтскрин

