Топ
Загина 18-годишник од Тетовско: со возилото излетал од патот и удрил во столб

Вчеравечер, околу 21.30 часот, во СВР Тетово пријавено е дека на регионалниот пат Пирок – Тетово, во тетовско Долно Палчиште, патничко моторно возило „бмв“, со тетовски регистарски ознаки, кое, според првичните сознанија од увидот, го управувал 18-годишниот М. З. од тетовско Синичане, излетало од коловоз и удрило во столб.
Во несреќата М. З добил тешки телесни повреди, од кои починал на самото место, а сопатникот А. З. (23) од истото село добил телесни повреди, констатирани во тетовската Клиничка болница, каде што бил пренесен за укажување лекарска помош.
Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле комплетен увид, а по наредба на јавниот обвинител, на телото на починатиот ќе се врши обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсени 60 лица за подметнување пожари во Македонија

Од 01 април до 29 септември регистрирани се вкупно 2.080 пожари на отворен простор, при што приведени се вкупно 60 лица, а по преземени мерки поднесени се 36 кривични пријави, информира Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност.
Исто така, од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 29.09.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 27 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми.
Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.
Македонија
Католичката црква со реакција за муралот на Мајка Тереза: Ова е навредлив чин за сите верници

Католичката црква во Македонија изразува жалење за, како што велат, недостојниот и навредлив чин со кој на муралот на света Мајка Тереза, поставен на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, е додадена марама на нејзиниот лик.
Со оваа постапка,велат од Католичката црква, се повредуваат верските чувства на верниците и почитувачите на делото на светицата.
„Потсетуваме дека Света Мајка Тереза е светица на Католичката црква, родена во Скопје, почесна граѓанка на овој град и граѓанка на светот. Со својот живот посветен на сиромашните и болните, со својата едноставност, понизност и љубов, ја направи Македонија и Скопје препознатлива во светот и пример за почит кон другиот.
После големиот настан што се случи на 28 септември 2025 година за сиот македонски народ со осветувањето на храмот Свети Константин и Елена кој се наоѓа во непосредна близина на Спомен куќата на Света Мајка Тереза, се прашуваме: Зарем нашата Светица заслужи ваков однос од дел од своите сограѓани?
Почитта кон верските чувства е основен елемент на секое демократско општество. Грижата за нив е одговорност на сите граѓани, а воедно ја отсликува и демократската зрелост кај поединци и групи, нивната подготвеност за соживот и прифаќање на различните.
Слободата на уметничкото изразување и јавната дебата се драгоцени вредности, но тие треба да се остваруваат со почит кон достоинството на другите и кон она што е свето за една заедница. Затоа недозволиво е светите ликови, како света Мајка Тереза, да бидат инструментализирани или злоупотребувани за било какви цели“, се наведува во соопштението од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Во него се додава дека Католичката Црква се приклучува кон сите добронамерни граѓани кои веќе реагираа и го осудија ваквиот срамен чин и апелира до целата македонска јавност на поголема свесност за значењето на светците, светите простори и другите свети работи, како и вредностите во општеството што ги застапуваат Црквите и верските заедници.
„Во таа насока, ги повикуваме надлежните институции да преземат соодветни мерки, да ги заштитат верските чувства на граѓаните и во иднина да ги превенираат ваквите појави. Во исто време изразуваме благодарност до сите луѓе на изразената загриженост и поддршка која ја упатија до Црквата“, велат од канцеларијата на Скопска бискупија и Струмичко-скопска епархија.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во црквата на македонската заедница во Стерлинг Хајтс, Мичиген: Татковината не може да се менува

Со посетата на македонската православна црква „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Стерлинг Хајтс, Мичиген и средбата со македонската заедница, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја заокружи работната посета на САД.
Таа присуствуваше на утринската литургија што ја одржа отецот Синиша Ристовски и оствари куса средба со Митрополитот на Американско-канадската епархија на МПЦ – ОА, Владиката Методиј.
Во име на свештенството, отецот Синиша истакна дека им претставува огромна чест присуството на претседателката Сиљановска-Давкова. „Вие носите одговорност којашто инспирира доверба, почит и надеж, со секоја ваша одлука, иницијатива и моќ, да ги преобрази животите, да ги осветли патеките на вистината и да создаде мостови на соработка и разбирање меѓу народите“, порача по литургијата отецот Синиша.
Претседателката го изрази своето задоволство од топлиот прием од претставниците на македонската заедница за време на нејзината посета во Њујорк и Детроит и посочи дека нивните постапки и посветеност се доказ дека каде и да сме, не го губиме македонскиот идентитет.
„И кога сум во САД, само заради вас јас се чувствувам како да сум дома. Тоа е она што ме прави горда на вас. Ние мора да си ја повратиме дијаспората“, порача претседателката.
Таа укажа на важноста од одржување и засилување на врските со македонските иселеници и ги реафирмираше заложбите за формирање на Совет за дијаспора и регистер на дијаспората.
Оддавајќи им признание на нашинците за нивната успешност на професионален план дури и во најкомпетитивните држави како САД, претседателката им посака уште многу успех.
Цитирајќи го Бернард Шо кој рекол дека „се може да смените во животот, но татковината не може“, Сиљановска-Давкова порача: „Мораме тоа што сме го наследиле да им го пренесеме на своите деца, ако сакаме да опстоиме“.
Претседателката го посети и Неделното црковно училиште што функционира во рамки на црквата, а каде што околу 120 македонски деца имаат можност да се запознаат со православната религија, со македонската традиција и да го изучуваат македонскиот јазик.