Македонија
Убиен израелскиот градоначалник кој во Битола годинава организираше конференција за храброста на жените
Офир Либштајн, израелскиот градоначалник кој беше во Битола на 80- годишнината од депортацијата на македонските Евреи, загина денес во борба со терористите на Хамас.
Во март годинава, тој од Израел дојде заедно со Рахел Шели Леви Друмер, македонска Еврејка, внука на доктор Хаим Абраванел, чие име го носи Здравствениот дом во Битола.
Во спомен на депортираните Евреи од Македонија, Либштајн маршираше заедно со заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Либштајн беше дел од маршот заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска со кој се одбележа 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи
„Загубивме голем поддржувач на македонските Евреи и на малите еврејски заедници во Европа. Офир ја организираше конференцијата во Битола ’Од Естер до Естер, за храброста на жените’ во март годинава, а сакаше да дојде и следната година на одбележување на годишнина од депортацијата на македонските Евреи. Беше градоначалник на Шаар Ханегев, тоа се сите населби околу границата со Газа. Беше вистински лидер. Веруваше дека ќе биде мир во соработка со граѓани од двете страни на границата. Беше убиен денес кога излегол да се бори и да ги брани своите граѓани. Ова е голема загуба за народот во Израел и за Евреите наши од Македонија“, вели Рахел Шели во изјава за „Макфакс“.
Локалните власти утрово соопштија дека Либштајн бил убиен за време на борбите со терористите на Хамас.

Како градоначалник на сите населби околу границата со Газа, Либштајн бил убеден дека мирот може да се одржи преку соработка на граѓаните од двете страни на границата
„Офир беше убиен кога отиде да го брани градот за време на терористичкиот напад“, соопшти Советот на Шаар Ханегев.
Додека Израел го славеше празникот Симхат Тора, утрово почна масовно ракетно истрелување од Појасот Газа кон израелска територија, а терористи се инфилтрираа во Израел од повеќе различни точки, соопштија израелските власти веднаш по ракетирањето. Повеќе од 100 жртви се веќе регистрирани, а ракетните напади продолжуваат и вечерва.

Убиениот Либштајн во Битола ја организираше конференцијата ’Од Естер до Естер, за храброста на жените’ во март годинава
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.

