Култура
Режисерката на првиот македонски филм на „Нетфликс“ и дел од тимот на „Преспав“ – Дина Дума во „Што го врти светот“

Вечерва, во 20 часот, на каналите на „Што го врти светот“, ќе се сврти муабет за филм со Дина Дума. Дина е македонска режисерка, чиј дебитантски долгометражен филм „Сестри“ стана и првиот македонски филм на „Нетфликс“. Станува збор за најгледаната стриминг-платформа во светот. Покрај работата на „Сестри“, Дина веќе неколку сезони е дел од режисерскиот тим на серијата „Преспав“. Во „Што го врти светот“ таа ќе зборува за иновациите во филмот, можностите македонски филмови да бидат презентирани пред светската публика и зошто и покрај помалото финансирање, нашите филмови прават огромни успеси. Кога се сериите во прашање, Дина има искуство и со работа на серија во македонски услови, но и во дистрибуција на содржина на „Нетфликс“. Дали можеби еден ден ќе имаме и наша серија на некоја од најгледаните платформи во светот?
Поткастот со режисерката Дума ќе можете да го видите и слушнете на: „Јутјуб Спотифај“.
Додека ја чекате најновата епизода, можете да ги слушнете епизодите со:
Филип Арсов – коосновач на компанијата со чија апликација пилотите на Групацијата Луфтханза ќе се подготвуваат за лет, а во која влегуваат неколку најголеми авиопревозници во Европа и светот.
Или Дарко Велков – креатор на компанијата vrabotuvanje.mk, кој зборува за работните позиции на иднината и како вештачката интелигенција влијае на нив.
„Што го врти светот?“ е поткаст кој обработува теми поврзани со создавање бизнис во Македонија, правење успеси на светско ниво, мотивацијата и можностите што технологијата ги нуди за нашата економија. Во речиси секоја епизода на поткастот се дискутираат вештачката интелигенција, виртуелната реалност, дигитализацијата и борбата за создавање сопствени, домашни брендови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје за 31 мај

„Бијело дугме“ го одложи концертот во Скопје.
За 12. април беше закажан концертот на „Бијело дугме“ со кој низ светот слават 50. години од постоењето. Но, поради трагедијата во Кочани организаторите и менаџментот на бендот сметаат дека е прерано за концерти па повторната дружба ја презакажаа за 31.мај.
Во овие чувствителни моменти, сметаме дека е прерано за концерт, информираат од Прагма продукција.
„Токму затоа, заедно со Бијело дугме одлучивме концертот кој требаше да се одржи на 12 април во Скопје, во „Борис Трајковски“, да го презакажеме за 31 мај 2025 година. Сите купени билети остануваат важечки за новиот датум. Ве информираме дека интересот за концертот е огромен и истиот е пред распродавање! Ви благодариме на разбирањето“, велат од продукцијата.
Култура
Објавен конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата

Објавен е новиот Конкурс за финансирање проекти за развој на креативните индустрии. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соопшти дека со конкурсот ќе се обезбеди финансиска поддршка за проекти кои ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативни тимови.
Според него, тоа ќе поттикне нови вработувања, зголемување на конкурентноста на нашите креативни индустрии на глобалниот пазар и развивање на културниот туризам.
Љутков потсети дека во периодот од 2013 до 2017 година, Министерството за култура објави пет годишни конкурси за финансирање проекти од областа на креативните индустрии, при што финансиски беа поддржани околу 270 проекти.
„За жал, од 2018 година, претходната Влада и Министерството за култура целосно ги маргинализираа активностите за промоција и поддршка на креативните индустрии, кои како еден од најдинамичните и брзорастечки сектори во глобалната економија имаат голем потенцијал да влијаат врз економскиот раст, социјалната инклузивност и развојот на културната разноликост“, рече Љутков.
Тој ги повика креативците и организациите да се пријават и да ја искористат можноста за реализација на своите идеи и проекти.
„Нашето општество има огромен потенцијал и заедно можеме да придонесеме за подобрување на културниот, економскиот и туристичкиот напредок што ни е потребен. Министерството за култура и туризам ќе продолжи да работи на поддршка на проекти што ја афирмираат културата и создаваат нови вредности во општеството“, рече Љутков.
Конкурсот за финансирање проекти за развој на креативните индустрии е објавен на веб-страницата на Министерството.
Култура
„Јон Вардар против галаксијата“ во кината во Унгарија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против Галаксијата“ од вчера, четврток 27 март, се прикажува во кино салите во Унгарија.
Филмот викендов имаше специјална проекција пред новинарите и претставниците од филмската индустрија во Будимпешта, во присуство на режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија која работеше на проектот.
„Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа, и тоа го направи одлично. Благодарен сум на целиот унгарски тим чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект од историско значење, како прв македонски долгометражен анимиран филм“, рече режисерот Цветановски.
Модераторот на настанот го спореди филмот со „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“, додека целиот простор во кино-комплексот Синема Сити беше брендиран во знакот на „Јон Вардар“.
Унгарски копродуцент на филмот е Ева Конрад од Уматик Ентертејнмент, а филмот доби поддршка од Унгарскиот Филмски Институт, и Унгарската Филмска Лабораторија. За потребите на проекцијата, „Јон Вардар“ беше синхронизиран на унгарски јазик, а главните улоги ги толкуваа еминентните актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за Филм.