Европа
Затворени училишта, црвен аларм за опасност за живот: Велика Британија се подготвува за големо невреме
Некои училишта се затворени, а на луѓето им е кажано да останат дома бидејќи бурата Бабет ќе зафати делови од ОК.
Метеоролошката канцеларија издаде ретко црвено предупредување за исклучителен и постојан дожд во источна Шкотска, како и жолти предупредувања за ветер и дожд во други области.
Црвеното предупредување се применува на делови од источна Шкотска помеѓу областите Данди и Абердин од 18 часот в четврток до петок напладне.
Ова е првпат црвено предупредување за дожд да биде издадено во Велика Британија по бурата Денис во февруари 2020 година, пренесува „Скај њуз“.
Бабет, комплексна маса со низок притисок што се разви на запад од Пиринејскиот Полуостров, ќе трае до сабота и се очекува да предизвика поплави, прекини на струјата и прекин на патувањата.
Жолти предупредувања за тешки временски услови, што значи дека постои ризик од силен ветер, екстремно влажни услови и потенцијални поплави, беа издадени за поголемиот дел од Обединетето Кралство од недела до сабота покривајќи делови од Шкотска и северна и источна Англија, до брегот до Хемпшир и островот Вајт.
Ирската метеоролошка служба исто така издаде жолти временски предупредувања за делови од Северна Ирска поради обилните дождови в четвртокот.
Метеоролошката канцеларија предупредува дека „можни се големи поплави на домовите и деловните објекти, што би можело да доведе до уривање или оштетени згради или градби, поплави, што може да предизвикаат опасност за животот“.
Претходно, шкотската влада одржа состанок за да се обиде да ги ублажи ефектите од бурата Бабет во наредните денови.
„Ако сте во погодените области на Ангус и Јужен Абердиншир – останете дома и не патувајте“, рече првиот заменик-министер, Шауна Робинсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.