Култура
Костадиновска-Стојчевска: Активностите од културата поврзани со стратешкиот дијалог со САД се во напредна фаза
Форум за стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија се одржа денеска во Даут-пашиниот амам, во организација на Македонско-американската алумни-асоцијација (МААА). Високи претставници од Владата на Северна Македонија и од Стејт департментот на САД, како и членови на МААА, дискутираа за можностите и за начините за понатамошно промовирање на стратешкиот дијалог, кој е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.
На форумот воведни забелешки дадоа американската амбасадорка во нашата земја, Анџела Агелер, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во дискусијата се вклучија и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, како и претседателката на МААА, Верица Јорданова, и други членови на оваа алумни-асоцијација.
Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се осврна на инцијативите и активностите од областа на културата поврзани со стратешкиот дијалог со САД.
Костадиновска-Стојчевска рече дека договорот за стратешки дијалог со САД е исклучително важен документ, кој многумина го сметаат за еднакво важен како и преговорите за членство во Европската Унија. Како што нагласи министерката за култура, овој договор не само што отвори ново квалитативно поглавје туку нашите билатерални односи добија уште пореална, опиплива, инспиративна и особено за нас – силна културна и идентитетска закрила и уважување.
„Особено ме радува што денеска можам да кажам дека културата е многу понапред во реализацијата на својот дел од задачите од акцискиот план од другите сектори опфатени со договорот“, потенцира Костадиновска-Стојчевска, која своето тврдење го поткрепи со неколку факти. Министерката за култура посочи дека во изминатиот период интензивно се работеше на исполнување на сите предуслови што треба да ни обезбедат согласност за потпишување меморандум за разбирање меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија за воведување ограничувања за увоз на археолошки и етнолошки материјали, односно предмети. Костадиновска-Стојчевска изрази очекување од партнерската страна во дијалогот да даде свое видување и потоа да биде финализирано потпишувањето на меморандумот.
Уште една голема поддршка од нашите пријатели и партнери во дијалогот, САД, посочи Костадиновска-Стојчевска, е и можноста за користење средства од амбасадорскиот фонд за зачувување на културата. Министерката за култура потсети дека од фондот, преку јавниот повик, досега се издвоени околу еден и пол милион долари, со кои е извршена заштита на многубројни локалитети и објекти.
„Предложивме, се разбира, со поддршка од Амбасадата на САД, организирање работилници за аплицирање на потенцијалните корисници на овој фонд. Министерството за култура ќе издвои средства за воведување едукативна компонента во проектите, што може да се изрази како дополнителен критериум кој ќе носи повеќе бодови при евалуацијата на проектите“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура го посочи и минималниот интерес на младите да се образоваат во областа на заштитата на културното наследство.
Таа рече дека од исклучителна важност е и подигнувањето на нивото на практичното знаење и унапредувањето на вештините на стручните лица за управување со збирките на музејските институции, за иновативна презентација на музејските содржини со интерактивна комуникација со публиката, како и за воспоставување и спроведување протоколи за сигурност и безбедност во музеите. За оваа цел, дополни Костадиновска-Стојчевска, соработката со сродните институции од Соединетите Американски Држави e од непроценливо значење.
„Затоа, Министерството за култура предлага до 2028 година да се реализираат студиски престои на наши стручни лица од институциите од музејската дејност во институции што имаат позитивни искуства во делот со управувањето на збирките и музејската презентација во САД. Веќе се направени првични контакти“, информира министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска како особено важно го посочи и организирањето мастер-класи за талентирани млади музичари од нашата држава со професори од овие училишта во САД за што рече дека е од непроценливо значење за развојот и на овие уметници, како и за квалитетот на македонската музичка сцена.
„Ја посакуваме и соработката со културниот центар МАНА, во кој би престојувале и би изложувале наши уметници, куратори и други изведувачи. Со цел сето ова да го операционализираме, упатувам покана до претставници од институциите со кои е иницирана соработка на почетокот на следната година да дојдат кај нас и да оствариме директен контакт со врвните Metropolitan Museum of Art, Manhattan School of Music и Smithsonian museums, каде што би биле изложени импозантните графички – хартиени икони од доцниот среден век, збирка на Музејот во Прилеп“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

