Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Скандалот „Диво месо“ покажува дека и во 2023 година се правеле милионски злоупотреби на сметка на пациентите на Онкологија
Скандалот „Диво Месо“ на Онкологија ја покажува целата монструозност на канцер-мафијата, која се богатела на грбот на најтешко болните пациенти. После два месеца предистрага, Обвинителството молчи за скандалот со Онкологија, нема ни обвинение, па дури ни официјална истрага. Тоа покажува дека власта на СДС и ДУИ го води и овој случај исто како и процесот со трагедијата со модуларната болница, со трагедијата кај Ласкарци или трагедијата со „Беса транс“. Се оди кон тоа и за Онкологија виновен да биде продолжениот кабел, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Монструозноста во овој случај, како што нагласуваат, е во тоа што иако траел со месеци и години наназад, па дури и во 2023 кога наголемо се говорело веќе за злоупотребите со терапијата и третманот на Клиниката за онкологија, реакција од надлежните немало. Ниту од Министерството за здравство, ниту МВР, ниту од ЈО.
„Согласно документите кои ги презентиравме клиниката за Онкологија и покрај доволните залихи со лекови, набавувала нови количини од омилената веледрогерија на власта. Иако ги „оќореле“ од пари, сепак пациентите биле оставани без терапија и за тоа никој не бил повикуван на одговорност. Како е тоа возможно? Добавувачот на скапата терапија правел дефектури, доцнења, со доставата и никој за тоа не алармирал или не повел постапка.
Исто така, она кое што е видливо од документите кои ги претставивме во јавноста, во клиниката веројатно свесно не се водело сметка за трошењето на вијалите со скапата терапија. Односно, ако една вијала се потрошела до половина за еден третман на еден пациент, другата половина не се знае дали и на кого била искористена, затоа што не се водела евиденција. Тоа остава простор за злоупотреби, препродавање на црно или во најмала рака несовесно користење на екстремно скапа терапија која е купена со народни пари. На крајот она кое што особено загрижува е што скапата терапија била давана во торби на лица кои биле заведени како пациенти за да ја аплицираат надвор од клиниката за онкологија, без да се знае дали воопшто била аплицирана или била злоупотребена“, истакнуваат во реакцијата од опозициската партија.
Овде, според нив, се работи за мафијашки систем на злоупотреба на скапа терапија на клиниката за Онкологија кој траел вклучително и во 2023 година, што предизвикал екстремен трошок за здравството, штета на буџетот и најстрашно од се се правел на сметка на пациенти кои или не добивале терапија или ненавремено ја добивале.
Децидни се дека за овој случај не смее да нема одговорност. „Овде се работи за диво месо кое го уништува системот на здравствена заштита. Колку и да го кријат, одолжуваат или забошотуваат овој скандал, треба да знаат дека документите покажуваат дека се работи за грозоморен криминал за кој сега или наскоро ќе има одговорност“, нагласуваат од партијата на Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Наследството на Св. Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, упати честитика до граѓаните по повод денешниот голем државен празник Свети Климент Охридски, кој истовремено е и патронен празник на бројни државни институции и установи во државава, меѓу кои и НУБ „Св.Климент Охридски“ – Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола.
“Денеска, оддаваме почит и го славиме делото на патронот на македонската култура и духовност, Свети Климент Охридски.Како ученик на Светите браќа Кирил и Методиј и основач на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски има непроценлив придонес во поставувањето на темелите на македонската писменост и создавањето на првото словенско писмо, и тоа е врежано во нашиот македонски идентитет.
Влогот и упорноста на Свети Климиент Охридски да ја шири писменоста и во време на прогонства, се потсетник дека силата на еден народ лежи во неговата писменост, култура и образование.
Наследството на Свети Климент Охридски нè потсетува дека истрајноста е решение за секој предизвик и патоказ кон напредок.
Ние ја продолживме светиклиментовата мисија, и денес македонскиот јазик е еден од официјалните јазици во светот, рамноправен со јазиците на земјите членки на ЕУ, во НАТО и во ОН.
Нека ни е честит и вековит Денот на Свети Климент Охридски” , стои во честитката на Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче,по повод денешиот празник упати честитка и до Македонската православна црква – Охридска архиепископија, чиј патрон е Свети Климент Охридски, како прв словенски епископ на просторите на Југоисточна Европа.
Македонија
(Видео) Кузеска: Го следиме трагот на парите, Томовски донира во ВМРО-ДПМНЕ
Скандалот со семејната фирма на Томовски која го чисти буџетот, или во бројки 5,3 милиони евра и 161 тендер е шаблон кој денеска го разоткриваме целосно, изјави портапролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Зошто Томовски овие денови толку многу се труди да покаже дека нема никаква поврзаност со семејната фирма? Иако Витомир е негов татко, Кутановски негов роднина, внукот, зетот се негови, дури и неговиот број е пријавен како контакт во семејната фирма“, рече таа.
Кузеска кажа дека антикорупцискиот тим на СДСМ го следел трагот на парите.
„Томовски е донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Еден од оние кои најмногу сакаат да се истакнат со големи суми. Само во 2021 година донирал 8.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ. 499.700 денари, 100.000 денари, 70.000 денари, 100.000 денари, редовно Томовски уплаќа на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. И не само Томовски. И неговиот зет, Кутановски е донарот на ВМРО-ДПМНЕ исто така. Семејна фирма, семејни донации. Се е јасно. Вака парите завршуваат во белата палата“, рече Кузеска.
Таа додаде дека ДКСК и Јавното обвинителство не треба да молчат туку треба да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.

