Македонија
Бочварски и Рустеми: Потребен ни е нов модел за изградба на патиштата
Моделот кој моментално се применува при изградба на патиштата не ги дава посакуваните резултати и ги пролонгира финалните рокови, ова го истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој се обрати на вториот ден од Првата Конференција за патна инфраструктура што се оддржува во Охрид.
На панел дискусијата насловена како „Нов концепт за ефикасно градежништво“ освен министерот Бочварски се обратија и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, Џош Бејкер, претставник на компанијата Бехтел, Џанберк Атила, претставник на компанијата Енка и Михо Јаневски, заменик претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора.
Министерот Бочварски ги потенцираше придобивките од воведувањето на новиот концепт на изградба на инфраструктурата на Коридорите 8 и 10-Д и истакна дека потребата од нов модел е одговор за развој на градежниот сектор, инфраструктурата и севкупно економскиот развој на државата.
„Со новиот концепт за изградба воведуваме паралелно проектирање и градење, каде заштедуваме доста време, наместо како што беше претходно, за да дојдеме до изградба, мораше да имаме проектирано 100 проценти од трасата. Наша цел е забрзување на изградбата на капиталните проекти, но тоа не значи дека нема да бидат квалитетни, напротив, контролните механизми на државата остануваат, тука највеќе се концентрираме на кратење на административните пречки. Ги забрзуваме процедурите, тоа е најважно, зошто видовме до сега како се одвива реализацијата на огромните капитални проекти. Убеден сум дека новиот концепт ќе го даде резултатот, проектите ќе се градат побрзо и граѓаните нема да ги трпат нервозите од задоцнување на изградбата. Овој модел ќе важи за сите државни патишта од национален интерес, не само за автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка, исто така за изградба на железници, гасоводи, ова е нешто кое државата го става на посебна лента од останатите помали проекти.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, се осврна на предизвиците со кои Јавното претпријатие се соочува при изградбата на патната инфраструктура во државата, истакнувајќи дека ова е моментот да се смени концептот на изградба за да може патиштата да се градат побрзо и поефикасно.
„Откако ја преземав фукнцијата директор на Јавното претпријатие оддржав многу состаноци со цел да се запознаам подетално со проектите и дојдов до еден заклучок, дека кај сите проекти ни се провлекуваат истите проблеми и затоа имаме застој на нивната реализација. Со министерот Бочварски и со професорите од Градежниот факултет сме разговарале многу пати како да ги надминеме тие предизвици. И затоа ме радува што сме сите тука заедно на оваа Конференција за да може да разговараме за ова. Ако не се реализира навремено одреден проект, ние како ЈП за државни патишта, Министерство за транспорт и врски и Владата, имаме дополнителни финасиски импликации. И тоа не можевме веќе да го дозволиме и моравме тоа да го решиме. За таа цел одлучивме да пристапиме кон овој нов концепт за изградба на инфраструктурата и сметам дека го направивме вистинскиот чекор. Само за споредба, според статистиката, до сега сме граделе 5,8 километри автопат годишно, а новиот концепт ни дава можност да градиме над 20 километри автопати годишно.“ – изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
На панел дискусијата свои видувања за новиот пристап во градењето даде и Михо Јаневски, заменик претседателот на Здружението за градежништво, индустрија на градежни материјали и неметалите при Стопанската Комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

