Македонија
Спасовски на увид во градбата на новата полициска станица во Аеродром: трет објект на низата нови градби на МВР
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, ја посети локацијата каде што пред три и пол месеци официјално почна градбата на нов објект на МВР – полициска станица од општа надлежност во Аеродром во рамките на Секторот за внатрешни работи Скопје, со цел увид во градежните активности за овој објект.
„Од она што може да се види на самото место, активностите напредуваат одлично, односно тие се во далеку понапредна фаза од предвидената. Новата полициската станица во Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ-центарот за чување и заштита на податоци и за закрепнување од катастрофи во Прилеп, како и по неодамна промовираната најсовремена форензичка лабораторија на Балканот во рамките на Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР“, рече министерот Спасовски.
Истакнувајќи дека првпат по повеќе децении се гради нова полициска станица во Аеродром, Спасовски информира за предвидените цели на проектот.
„Станицата што овде ја градиме од темел е уште една реализација во согласност со планот за континуирано подобрување на условите за работа на вработените во Министерството за внатрешни работи, а локацијата е на местото на старата барака, која беше со висок степен на амортизираност, лоши услови за работа и многу мала корисна вредност. Оваа станица ќе биде една од најголемите и ќе покрива подрачје со најголем број жители во главниот град на државата. Според проектот, новата полициска станица е предвидено да биде изведена на површина од 3.500 квадратни метри и ќе претставува нов модерен објект според највисоките стандарди на полициско работење, што ќе соодветствува и на потребите на жителите на Аеродром. Првпат по повеќе децении, оваа Влада ги реализира потребите на граѓаните од овој дел на Скопје – да добијат услови и услуги какви што ги заслужува секој граѓанин“, рече министерот Спасовски додавајќи дека проектот е во рамките на концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина“.
„Новиот објект, со вкупна вредност од 130 милиони денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија, според предвидените рокови за изградба, треба да е готов најдоцна до крајот на 2025 година, а претставува продолжување на концептот ‘Сината униформа дејствува за зелена околина’, односно е во согласност со стандардите за енергетска ефикасност. Во рамките на проектот предвиден е и потребниот паркинг-простор, кој е интегриран помеѓу веќе постојното зеленило, кое ќе биде задржано на локацијата. Со овие два сегмента даваме свој придонес кон остварување на владината политика за енергетска ефикасност, но водиме сметка и за зачувување на животната средина“, истакна министерот Спасовски.
Во оваа пригода Спасовски потсети дека динамиката на капиталните инвестиции во ресорот МВР преку реконструкции и изградба на објекти во изминатиот период резултира со 80 реновирани енергетски ефикасни објекти на МВР во државата, во кои се вложени 8 милиони евра, како уште еден јасен показател за посветеноста кон унапредување на работните услови на вработените, затоа што за ова раководство на МВР важи максимата: „Задоволна полиција – безбедни граѓани“. Воедно, Спасовски истакна дека се продолжува со несмалено темпо на уште две крупни реконструкции – на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во МТВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

