Македонија
Здруженија од ексју-републиките заедно ќе ги задржуваат медицинските сестри дома: Ние не сме помошници на докторите, треба да нè почитуваат
Здруженија на медицински сестри и акушерки од неколку поранешни југословенски републики денес се собраа во Скопје на конференција на тема „Градење капацитети на силен глас на медицински сестри и акушерки, грижа за работната сила“. Целта на конференцијата е заеднички да најдат начин да ги задржат медицинските сестри и акушерки во матичните земји по поразителните податоци за нивно масовно заменување во други држави.
Тања Трајковска од Националното здружение на медицинските сестри, техничарите и акушерите кај нас вели дека сестрите и акушерките си заминуваат од Клиниката за гинекологија, каде што таа работи, и одат на полесни работни места за подобри плати.
„Сè помалку и помалку нè има на работните места, старее работната сила. Ако кажам дека јас сум од помладите, а сум веќе 50 години, 32 години на Гинекологија, тогаш може да замислите со каква бројка се соочуваме“, рече Трајковска.
Таа смета дека основа на сè е образованието, а нашата држава треба, конечно, да одлучи на кое ниво сака да има образовани медицински сестри и акушерки и да ги препознае.
„Државата треба да го смени ставот затоа што ние не сме помошници на докторите, ние сме професионалци, кои имаат свое поле на дејствување. Тоа е негата и никако не навлегуваме во ингеренциите на докторите, а не би требало и тие да навлегуваат во нашите. Треба да сме партнери, тимски да работиме, но треба да нè препознаат и да нè почитуваат на работните места“, вели Трајковска.
На конференцијата учествуваат здруженија на медицински сестри и акушерки од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Република Српска и одЦрна Гора. Сите се согласни дека недостигот на медицински сестри и акушерки е голем проблем во регионот, но и во светот.
Во светот недостигаат 30 милиони сестри, а во Европа речиси 4 милиони. Претставничката на Националното здружение од Србија рече дека, за жал, земјите што не се во ЕУ-зоната се „воз за извоз“. Таа на конференцијата престави ранг-листа со причини поради кои си заминуваат медицинските сестри кај нив, која покажува дека на прво место е уважувањето на професијата, а дури на петто е платата, иако се верува дека повисоките плати се главниот мотив за иселувањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска да биде реална и искрена и да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ
Ленче Ристоска која е навикната на подобноста од времето на СЈО, мора да знае дека ова се други времиња и потребни се лица со интегритет, професионалност и одговорност да извршуваат таква позиција, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај. Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност. Дури и во Мамас како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (Мамас) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристовска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми“, велат од партијата.
Од таму и порачаа на Ристоска барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од партијата.
Македонија
Реконструиран патот кон Манастир Пеленица: Инвестиција од над 475.000 евра за подобра безбедност и пристапност
Успешно е реализиран проектот за реконструкција (рехабилитација) на коловозот и изработка на тротоар на патот кон Манастир Пеленица, соопшти премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи.
„Инвестицијата од 29.320.330 денари (околу 475.000 евра) придонесе за модерна и одржлива патна инфраструктура, подобрена пристапност до манастирскиот комплекс и повисоко ниво на безбедност за посетителите и локалното население. Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша Мицкоски.

