Македонија
Ременски за убиената Вања: Таткото прв знаел дека нема да може да се изврши изнудата, Вања била задушена и станала неупотреблив заложник
Вистинскиот предзнак за убиството на Вања е свирепост – пукано во задушено дете кое требало да биде заложник во изнуда во договор со “таткото”, пишува на социјалните мрежи Фросина Ташевска Ременски, професор на Факултетот за безбедност.
Главното прашање што се проблематизираше по прес-конференцијата на ОЈО и МВР беше: Каква врска има убиството со изнудата од користољубие, зошто би била убиена ако немало барање на пари?
Еве едно студентско криминалистичко објаснување зошто, објаснува Ременски.
„Грабнување на малолетно лице/дете заради изнуда е скоро исто што и земање/држење заложници за изнуда на корист како терористички елемент.
Ако се точни информациите дека, Вања се задушила во колата со која грабнувачите ја возеле/однеле на локацијата, тогаш пукањето во задушеното дете е чин на свирепост познат во правото како најтежок облик на убиство со казна доживотен затвор. Ако детето Вања била задушена, во планот на монструмите таа станала неупотреблив заложник со кој не можат да изнудат ништо и затоа никој не барал ништо.
Во монструозниот план на убиецот и соизвршителите чекорот што го презеле со закопување на телото на детето им било надеж дека, никогаш никој нема да ја најде и нема да бидат откриени.
Најмонструозниот дел од овој план според сите криминалистички златни прашања е т.н., татко, но не само заради согласувањето сопственото дете да го даде за заложник и да им дојави за најпогодниот момент за негово грабнување во планот за изнуда што го направил со извршителите, туку заради фактот што тој прв знаел дека неговата ќерка е мртва.
Тој прв знаел дека нема да може да се изврши изнудата, зошто заложникот, детето е мртво, па затоа и немало барање пари и изнуда.
Тој знаел од понеделник – цели 7 дена.
По ова поставете си го и одговорете си го прашањето кој криел и заради каков “самит” криел?
Чија монструозност помеѓу овие монструми е поголема здрав разум тешко може да сфати, но во криминалистиката има градација и реконструкција која ги дава сите одговори.
Во сите криминалистички истраги мора да има повеќе верзии/хипотези за настанот, па така и во оваа.
За да може да се поврзе убиството во Велес од страна на истата група, една од можните верзии би била:
“Дали фризерот го дознал/знаел планот за грабнувањето на детето заради изнуда и во него ја гледале опасноста за нивно откривање, па така станал жртва?”
Тешко може да се поверува дека целта била колата, а мотивот – долг од 500 евра.
Кога голем број поддржувачи на Палевски и тој самиот кукаа јавно дека безбедносните служби ги третирале, работеле, дека тие не планирале никакви убиства, експозиви, оружје и сл., туку дека тие биле невидени патриоти под ѕвездата на Вергина, тогаш сите веруваа во некаква “света мисија” на овие монструми од луѓе, па и пари донираа од дијаспората за нивната “мисија”.
Очигледно требало да има клиничко посматрање на овие болесници за кои буквата “П” не е Патриотизам, туку Пари и Патолигија.
Едно од клучните прашања е дали соодветно и континуирано се следат состојбите кај нас на линија на радикален, профитно ориентиран десен екстремизам кој е предворје на тероризмот?
Ова е прашање за сите институции.
И престанете да се бусате во гради со ѕвездата од Вергина, пароли, знамиња и квазипатриотизам за “никогаш Северна”, зошто овие идиоти им го уништија секаквото значење …, Веќе ќе ви биде срам кога ќе го видите во чии раце било и како зад “Големиот” патриотизам се криела монструозност и Гол Криминал“, пишува Ременски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

