Топ
Спречен обид за шверц на 50 тони дизел гориво, декларирано како базно масло
Царинските службеници на Ќафасан спречија обид за шверц на 50 тони дизел гориво декларирано како базно масло, а кое било транспортирано во две товарни моторни возила – цистерни. Против сторителите се поднесени кривични пријави до Јавно обвинителство.
Имено на влез во државата на граничниот премин Ќафасан пристигнале две товарни возила со цистерни коишто се пријавиле за транзит. Испраќач на стоката е фирма од Албанија, а примач фирма од Република Северна Македонија. Поради сомневање во поднесената документација и видот на декларираната стока товарните моторни возила се задржани за понатамошна контрола. Притоа земени се и мостри за лабораториско испитување, соопшти Царинската управа.
Од добиените резултати од направената лабораториска анализа, како и од извозните документи добиени во соработка со албанската царинска администрација, било констатирано дека во двете товарни моторни возила – цистерни, наместо декларираното базно масло, има дизел гориво за кое увозните давачки во Република Северна Македонија се поголеми, односно дека е направен обид за избегнување на давачки во поголем износ при увоз на акцизна стока.
Вредноста на вкупната количина на дизел горивото во двете цистерни изнесува 3.121.626 денари за што царинските давачки изнесуваат 1.745.327 денари.
„Возилата и горивото се привремено одземени и против сторителите се покренати соодветни судски постапки за кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот закон“, информираат од Царина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.
Македонија
Генерален штрајк во март ако до крајот на февруари не се зголеми минималната плата, ССМ најави блокади и во другите градови
Со тројца повеќе работници од вообичаено, 24 наместо досегашните 21, Сојузот на синдикати на македонија (ССМ) денес ја блокираше Владата, не им дозволи на министрите со автомобил да стигнат до работните места и од улица им кажаа дека бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов објасни дека бројката на работници кои блокираат денес намерно е зголемена, ѝ даде нов рок на Владата, до крајот на февруари да ги зголеми платите и да спречи генерлен штрајк кој би се случил во првата половина на март доколку и понатаму се игнорираат барањата на работниците.
„Денеска тука дојдовме тројца луѓе повеќе, 24, затоа што 24 министри во Владата уживаат на грбот на 540 илјади работници. 24 министри во Владата на деншната седница во Владата треба да предложат измени и дополнувања на Занокот за минимална плата ако сакаат да бидат за работниците. Да се зголеми минималната плата на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимаплан палата“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Тој потсети на аргументите со кои минатата година токму во Владата бараа зголемување на минималната плата на седниците на Економско – социјаниот совет. ССМ укажа дека на секоја една затворена команија се отвораат две нови, дека бројот на вработени од последното покачување на минималната плата во 2022 година е зголемен и дека работникот со плата од 24.379 денари му заработува на газдата месечно 290 олјади денари односно дека работникот добива само 17 % од колачот.
Трендафилов денес пред Владата најави продолжување на блокадите, но не во Скопје туку во градовите од кои доаѓаат функционерите.
„Во наредниот период не исклучуваме ваквите таргетирани протести со 21 човек на улица, за да не ги заокружуваат, да не ги оцрнуваат луѓето и за да не им се закануваат, да продолжат и по градовите, по потреба. Таргетирани градови каде што ќе предизвикаме функционерите и таму да не можат да се движат или да доаѓаат пешки на работа, онака како што доаѓаат денеска, како што доаѓаа пред некој ден, како што доаѓаа и пред една недела. Оставаме простор до крајот на месец февруари да седнат, да се договорат и да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се спремни да ги зголемат сите останати работнички плати затоа што веќе немаат апсолутно никакви аргументи“, рече претседателот Трендадфилов.
Синдикатите се подготвени повторно на маса да ги изнесат сите аргументи за зголемување на платите но сметаат дека е крајно несериозно за една држава на ваквите барања на синдикатите владините претставници да се потсмеваат и да кажуваат дека тие сметаат дека минималната плата треба да биде 600 евра, па од таа причина, работниците се на улица.
„Ако до крајот на февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници. Ќе обезбедиме превоз, за да нема изговор. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата“, порача претседателот на ССМ Трендафилов од блокадата пред Владата и ги повика министрите на денешната седница сериозно да разговараат за барањата на работниците за да не ги гледаат повеќе на телевизиите и на социјаните медиуми.
Блокадите не ги исплашија министрите како пратениците кои минатата недела, кога беше блокирано Собранието, на работа дојдоа порано од вообичаено. Министрите кои до блокадите дојдоа со автомобил, полицијата ги пренасочи и им кажа дека ќе мораат да продолжат пеш, а многумина се појавија без автомобили.

