Македонија
Пендаровски: Поделбите во македонското национално ткиво за уставните промени се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во своето обраќање во Собранието на Република Северна Македонија, говорејќи за уставните промени, порача дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.
„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една можност, која може да нѐ чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигратска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди одлично си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас“, рече претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека крајно неодговорно е да се игра со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да се печалат ситни политички поени. Истакна дека доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да се оди за да се стигне до Унијата, тој не познава некој што е подготвен да чекори по тој пат.
Пендаровски посочи дека во јавниот простор, на социјалните мрежи, последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно, треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.
„Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политички противници слободно да си го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние што работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето во македонското Собрание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приведени седум лица по натпреварот меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи
Седум лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи.
Според информациите на МВР, синоќа по завршување на фудбалскиот напревар во рамките на Прва македонска фудбалска лига одигран помеѓу екипите на ФК Вардар АД Скопје и ФК Шкупи Скопје одигран на спортскиот комплекс на ФФМ „Петар Милошевски”, се приведени седум лица.
Тие се приведени поради сторени прекршоци со фрлање на пиротехнички средства од Законот за спречување на насилство на спортски натпревари, како и за нарушување на јавниот ред и мир со непристојно и дрско однесување и непочитување наредба на полициски службеници на две одделни локации на подрачје на град Скопје.
Македонија
Сончево време со мала до умерена облачност, температурата до 15 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Од утре ќе преовладува претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.

