Македонија
Ниеден министер за финансии, премиер ниту, пак, претседател на уставен суд не може да се меша во внатрешните работи на синдикатот: УПОЗ на протест пред Уставен суд
„Ние тука протестираме и ќе протестираме пред Министерството за финансии, а дали ќе има штрајк или ќе нема, ќе одлучат колегите. Ниеден министер за финансии, премиер ниту, пак, претседател на уставен суд не може да се меша во внатрешните работи на синдикатот. Ова го посочи Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ и преку протест пред Уставниот суд изразува револт за привремената мерка со која им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30 отсто.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека бараат средба со претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, за да им каже кога Уставниот суд ќе ја донесе конечната одлука и дали се планира, како што се зборува, да ја поништи одредбата од законот и вработените што протестираат да ги враќаат парите.
„Дијалогот не треба да се води преку медиумите. Доколку министерот за финансии, премиерот и претседателката на Уставниот суд не се охрабрат да седнат да разговараат со нас за решавање на проблемот, не знам со кого ќе го решат проблемот. Потребна е само мала добра волја, како што се донесе закон за права на буџетите, нашите плати се под просечната плата, посочи Деаноски и додава:
„Овие пари што нам ни ги скратија се во буџетот, зошто да не ни ги дадат, кога ќе земеме плата, плаќаме сметки, плаќаме кредити и преживуваме. Со кои плати ние да живееме, друга институција ни ги крати нашите плати“, додава тој.
Деаноски прашува и дали ќе треба да ги враќаат парите назад, но главното прашањето што тој го поставува е дали овие луѓе имаат пари да ги враќаат една година назад.
„Претседателката на Уставниот суд да ни објасни како тоа во најбрз можен рок се зема во работа иницијативата поведена од граѓанинот против членот 63 став 3 од Законот за буџетите, со која се донесе привремена мерка и за која на вработените во Министерството за финансии и на сите органи во состав на Министерство за финансии нема веќе да им се исплаќа додатокот, односно надополнувањето на плата за 30 проценти“, вели Трпеновски.
Вработени во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки – членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), протестираат пред Уставниот суд за привремената мерка со која се им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Милошоски: Во Македонија нема да се градат бегалски кампови
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска демантираше дека Договорот за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Велика Британија предвидува изградба на бегалски кампови во земјава.
Според него, договорот е еден од најзначајните документи што Македонија ги има постигнато со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија.
„Со овој договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со коишто ќе се гради инфраструктура во Македонија. Ќе се градат железници, автопати, здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но за жал на опозицијата, која се обидува да спинува, нема да се градат било какви бегалски кампови. Британија, откако излезе од ЕУ, со сите земји од Западниот Балкан, но и со самата ЕУ склучува вакви договори каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс таму каде што Македонија и земјите членки на ЕУ и земјите кандидати имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите. Тоа го прави Британија со овој дополнителен механзам, којшто е комплементарен со Фронтекс. Нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партии од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија. И тоа сакаме јасно да го демантираме. Сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток или на визија или на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и постабилни држави-пријатели како што е Велика Британија“, истакна Милошоски.
Претходно, „Дели мејл“ повикувајќи се на „Тајмс“ пренесе дека Британија би можела да депортира одбиени баратели на азил во Северна Македонија според планот за отворање „центри за враќање“ на Балканот. Според извештаите, земјата влегла во формални разговори со Обединетото Кралство во текот на есента за да биде домаќин на мигрантски „центар за враќање“.
Според предлогот, за кој јавуваат британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, заедно со инвестиции во земјата и помош за нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да бараат азил во Северна Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг од работна сила. Тие би имале можност да заминат кога ќе посакаат.
Македонија
(Видео) Милошоски: „Стратегијата Македонија 2030“ на ВМРО-ДПМНЕ како ново поглавје за стабилност и развој на државата
Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ што ВМРО-ДПМНЕ ја усвои на вчерашниот Конгрес во Кавадарци значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија, кажа денеска на прес-конференција, Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Стратегијата, како што рече Милошоски, се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба.
„Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години“, истакна тој.
Според него, клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички.
„Стратешката рамка за 2025–2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата.
Прво, државната безбедност. Тоа значи модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани. Безбедноста е нашата основа и АРМ и МВР мора да бидат максимално подготвени за овој предизвик.
Второ е економската конкурентност. Тоа значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање на конкурентна економија заснована на знаење, на додадена вредност и технолошки иновации. Се разбира мораме да имаме поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем, зелена енергетска транзиција и повторно создавање на услови за странски инвестиции.
Трето, правна држава. Целта е да имаме независно судство, департизирано обвинителство, професионална администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализирана контрола на движењето на парите и на имотните прашања.
Четврто, демографските политики. Потребна е вистинска поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората, достоинствена грижа за постарите лица. За да можеме преку една стабилна популациона политика, во Македонија да имаме секогаш доволен ресурс во луѓе за да можеме да ја развиваме и економијата и државата.
Петто, европска интеграција и надворешната политика. Партнерства со јасни црвени линии ни се најбитен дел, затоа што ние како политичка партија сме определени за Европската Унија како еднаков партнер, без дополнителни билатерални условувања кои што би го допирале идентитетот или националната самобитност на македонскиот народ и да државата.
И шесто, образованието, културата и идентитетот. Мора да вложуваме во модерни програми, дигитален дел, да речам, на културата, исто така, и на образованието, поддршка за науката, заштита на македонскиот јазик и неговата промоција. Бидејќи без силна култура и образование не би имале толку силно општество, и промоција на нашите одлики во европско ниво“, рече Милошоски.
Дополнително, нагласи пратеникот, стратегијата носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината и оваа национална стратегија обрнува внимание и вештачка интелигенција како еден нов дел од технолошкиот натпревар, не само во Европа, туку и на глобално ниво.
„Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години. Исто така и основање на Фонд за иднината, односно државен инвестициски инструмент којшто ќе поддржува технологии, иновации, истражување и вештачка интелигенција, за да може Македонија да биде поконкурентна со партнерите во регионот, но исто така и на европско ниво“, вели Милошоски.
Македонија
(Фото+видео) Ивановски: Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје
„Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје“ – објави на ФБ, директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
„Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на железничката станица, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои години и декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата. Ова ќе биде фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација“, напиша Ивановски.
„Ќе има промени на инсталациите, електроинсталациите, ќе се решат греењето, ладењето, водоводот. Она што Станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. И за тоа нема да го чекаме проектот. Ќе почнеме веднаш. Договорите што ги имаме за закуп на рекламни паноа веќе нема да ги продолжуваме. Оние што се актуелни ќе ги замолиме компаниите за малку совесно, одговорно општествено однесување, да ги раскинеме спогодбено. Потоа ќе има промена на содржини. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече тогаш директорот Ивановски.

