Македонија
Годинава 440 лекари положија стручен испит
Во 10 испитни сесии, кои беа организирани во текот на 2023 година, стручен испит положија вкупно 440 доктори на медицина, кои ги исполнуваат условите за добивање лиценца за работа. Најголем интерес за полагање стручен испит и оваа година имаше во декемвриската испитна сесија кога положија 232 доктори на медицина, извести Лекарската комора.
Докторите на медицина, по завршување на Медицинскиот факултет и приправничкиот стаж, најдоцна во рок од една година треба да полагаат стручен испит за да може да се стекнат со лиценца за работа. Организацијата на полагањето на стручниот испит е една од надлежностите на Комората, покрај издавањето лиценци, водење регистар на лиценци, акредитација за континуираната медицинска едукација и спроведување стручен надзор.
Минатата 2022 година стручен испит положиле 435 доктори на медицина, во 2021 уверенија за положен стручен испит добиле 350, а во 2019 година оваа бројка била 420, соопшти Лекарската комора.
Во 2024 година Комората ќе го модернизира процесот на полагање стручен испит по примерот на другите коморски асоцијации од западноевропските држави со кои се остварува блиска соработка. Базата на испитни прашања е обновена и дополнета и веќе е објавена на интернет-страницата на Комората. Новина ќе биде тоа што писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, каде што посебена програма ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори, од кои само еден ќе биде точен. Откако ќе бидат одговорени сите прашања, компјутерската програма автоматски ќе го дава и бројот на точни одговори. Докторите што точно ќе одговорат на 60 проценти од прашањата, ќе се упатуваат на полагање практичен и устен дел од испитот. Во практичниот дел докторите ќе добиваат студија на случај на пациент и тие треба да објаснат како ќе го лекуваат. Во последниот устен дел, како и досега, акцентот се става на познавањето на етичките норми и правила што лекарот треба да ги почитува во практикувањето на докторската дејност, се наведува во соопштението на Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор
Портпаролот на Европската комисија изјави за „Еурактив“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор, стои во написот.
Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за „Еурактив“.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина.
Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и му обезбедуваат на Скопје обука и знаење за прашањата на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.