Македонија
Лекарската комора: Насилството врз здравствените работници добива интензитет, за негово сузбивање потребни се системски решенија
Насилството врз здравствените работници добива интензитет, а за негово сузбивање потребни се системски решенија, што ќе бидат имплементирани на национално ниво и на ниво на здравствени установи, истакнува Лекарската комора по повод одбележување на 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, кој годинава се одбележува петти пат.
„Лекарската комора го смета за неприфатлив секој облик на насилство врз лекарите и другите здравствени работници, без оглед дали се работи за физичко или вербално насилство и без оглед од кого или од каде доаѓа. Сите треба да инсистираме на нула толеранција кон секаков вид агресивно или насилно однесување и без исклучок треба да го пријавуваме. Неопходно е лекарите да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да може непречено да ги лекуваат пациентите. Лекарите и пациентите се дел од иста целина и само со меѓусебно почитување и градење доверба може да дојдат до заедничката цел – излекувување“, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.
На иницијатива и залагање на Лекарската комора во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик, со што насилството врз здравствените работници е насилство кон службени лица и претставува кривично дело. Со тоа делата, како: употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи, се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.
Комората апелира лекарите насилните инциденти да ги пријават во полиција, а потоа информација да достават и во Комората. Комората ги прибира овие податоци со цел да може да го следи постапувањето на надлежните институции, но и да се предлагаат мерки и политики за надминување на проблемот.
Во 2017 година во соработка со другите медицински комори, како и Министерството за здравство, беше потпишана декларацијата „Стоп за насилството врз здравствените работници“. Едно од начелата во декларацијата беше да се изработат стратегии и планови на национално ниво и на ниво на здравствени установи за спречување на насилството врз здравствени работници. Друга предвидена активност со декларацијата беше да се обезбеди систем од Владата и здравствените установи преку кој ќе се документираат сите инциденти на насилство во здравството. Комората ги охрабрува надлежните институции да ја забрзаат реализацијата на активностите што ги предвидува оваа декларација бидејќи единствено безбедна средина во која се даваат здравствените услуги гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите.
Во анкета спроведена од Лекарската комора пред две години – 78 % од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80 % биле изложени на вербално насилство, а 6,8 % доживеале физичко насилство. Речиси 70 % од нападите воопшто не се пријавени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Груевски ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ: „Мнозинството ги казни политиките што ги постави Заев“
Експремиерот во бегство, Никола Груевски, им ја честита победата на парламентарните и на претседателските избори на своите поранешни сопартијци коментирајќи дека мнозинството ги казни политиките што ги постави Зоран Заев, а очекувањата на народот не смее да бидат изневерени.
„Судбината сакаше на Денот на победата над фашизмот, одбележувајќи го големиот пораз на фашизмот во 1945 година, да ги поздравам големиот пораз на СДСМ и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите одржани вчера, како на парламентарните така и на претседателските избори.
Вчера, иако со поголемо задоцнување, убедливото мнозинство жестоко ги казни и порази политиките на СДСМ, кои ги постави Зоран Заев, а ги следеа неговите слепи послушници.
Политики полни со национални предавства, криминали, длабока корупција и лично богатење на грбот на граѓаните, секојдневни лаги и манипулации, злоупотреби, политички прогони на неистомислениците, нефункционалност на државните институции и нивно ставање во лична полза, како и неспособност од големи размери.
Политики што Македонија ја уназадија во секој поглед, неповратно иселија огромен број граѓани и ја доведоа земјата во позиција на потчинетост пред негаторите на нацијата и на македонскиот идентитет, јазик, историја, име, националност и посебност. Политики со кои Македонија беше константно 7 години економски уништувана, осиромашувана, ограбувања и морално пропаѓана. ВМРО-ДПМНЕ доби голема подршка од граѓаните.
Честитам!
Но, и голема обврска пред народот и големи очекувања и надеж кај нив, кои не смее да се изневерерат.
Со среќа!
И со ум!“, напиша Груевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги постави контурите за коалирање со партиите – во фокусот се три точки
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, информира дека претпладнево одржал состанок, на кој биле поставени контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со другите партии.
Фокусот ќе бидат луѓето на прво место, вели Мицкоски.
Трите значајни точки врз кои ќе почиваат преговорите за коалициските партнери во новата влада се: економски силна држава преку реформи и чекори, кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард; фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда; реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции преку дијалог и исполнување принципи.
Мицкоски рече дека очекувањата се големи, а одговорноста кон народот уште поголема.
Партискиот лидер уште пред изборите најави дека ВМРО-ДПМНЕ планира да коалира со албанскиот опозициски блок „Вреди“, а не со ДУИ, а за која партијата смета дека треба да замине во опозиција.
Македонија
АРМ во Охрид ќе реализира показна вежба: ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти
Секторот за внатрешни работи Охрид ги известува граѓаните на Охрид дека утре во периодот од 10.00 до 12.00 часот во водите на Охридското езеро во близина на центарот за обука на вода во Охрид, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ ќе реализираат показна вежба – препад на пловен објект.
За време на вежбата ќе бидат употребени атрифиции, средства за звучни ефекти и друга опрема што ја користи Армијата.
СВР Охрид, ги известува граѓаните дека, во врска со оваа активност, денеска во периодот од 13 до 15 часот, припадниците на Баталјонот на специјални сили на Армијата на РСМ, на истиот простор ќе изведат подготвителни активности со цел, успешна реализација на утрешната показна вежба.