Македонија
Лекарската комора и здруженијата на пациентите се обединуваат за унапредување на здравствената заштита
Со цел унапредување на заедничката соработка во насока на создавање подобри услови за лекување на пациентите и работа на лекарите, Лекарската комора потпиша меморандум за соработка со здруженијата на пациенти.
Документот во име на Комората го потпиша претседателката Калина Гривчева-Старделова со претставници на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“, Хепар центар – Битола, Здружението на граѓани со хронична миелоична леукемија, Здружението за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Сојузот на здруженијата на дијабетичарите на Северна Македонија, Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели „Хема-онко“ и „Фемина М“, здружение за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања.
Претседателката на Комората, Гривчева-Старделова, истакна дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.
„Ова е важен настан за сите нас бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротиставени страни, како што тоа најчесто се перципира, туку, напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување подобри условите за работа на докторите“, истакна Гривчева-Старделова.
Заедничките активности ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на соработка и комуникација меѓу пациентите и лекарите за зајакнување на довербата и воспоставување партнерски однос, давање меѓусебна поддршка за прашања од заемен интерес преку заеднички соопштенија, прес-конференции, форуми, реализација на заеднички активности насочени кон подигнување на нивото на општото здравје, како и заеднички настап пред надлежните институции за предлагање решенија за прашања од заеднички интерес. Како приоритена активност во наредниот период се идентификува потребата од заедничко вклучување во процесот на измени и дополнување на позитивната листа на лекови.
Потписниците на меморандумот исто така ќе одржуваат и редовни координативни состаноци, а во овие активности ќе може да се приклучат и други здруженија на пациенти што ги делат истите цели и интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комисијата на ЕУ ги повика Скопје и Атина да се држат до Преспанскиот договор
Портпаролот на Европската комисија изјави за „Еурактив“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор, стои во написот.
Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за „Еурактив“.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина.
Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија и му обезбедуваат на Скопје обука и знаење за прашањата на ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Скопје
Реконструирана училишната спортска сала во основното училиште „Мирче Ацев“
Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.
При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити, извести општина Ѓорче Петров.
Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.
Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука, се додава во соопштението на општина Ѓорче Петров.
Скопје
Вежбалница на отворено првпат во општина Илинден
Комплетно опремена спортска вежбалница на отворено првпат добија жителите на општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко-велосипедската патека во Марино.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека во рамките на ова фитнес-катче, каде што младите, па и повозрасните жители на општината, ќе можае да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес-справи.
Досегашната пракса на инвестирање и создавање услови за спортување постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортскиот терен за вежбање на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, соопштуваат од Општината.