Топ
53-годишен маж од Тимјаник загина во сообраќајката кај Неготино
Вчера во 15.50 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на регионалниот пат Неготино – Кавадарци, кај место викано „Антени“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „форд“ со неготински регистарски ознаки, управувано од С.С.(53) од село Тимјаник, неготинско, патничко моторно возило „опел“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од П.Ј.(27) од Кавадарци и патничко моторно возило ,,сеат” со тетовски регистарски ознаки, управувано од Д.Г.(54) од Кавадарци.
По несреќата, во болницата во Кавадарци биле пренесени возачите С.С. и П.Ј., каде била констатирана смрт кај С.С., а кај П.Ј.биле констатирани телесни повреди.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија воздржана за резолуцијата на ОН за обврските на Израел
Македонија гласаше воздржано на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата што се однесува на обврските на Израел согласно меѓународното право, вклучително и обезбедувањето хуманитарна помош и основни услуги за палестинското цивилно население.
Резолуцијата беше усвоена со 139 гласа „за“, 12 „против“ и 19 „воздржани“.

Со документот се бара од Израел целосно да ги исполни обврските што произлегуваат од меѓународното право, меѓу кои се почитување на одлуките на Меѓународниот суд на правдата, управување со територијата во интерес на локалното население и соработка со Обединетите нации во добра намера.
Посебен акцент во резолуцијата е ставен на повикот Израел веднаш да овозможи и олесни испорака на хуманитарна помош и основни услуги неопходни за спасување животи на палестинските цивили, вклучително и помошта што ја обезбедуваат Обединетите нации, нивните агенции, други меѓународни организации и држави.
За време на дебатата, израелскиот претставник остро ја критикуваше нацрт-резолуцијата, оценувајќи ја како еднострана и погрешна. Тој изјави дека ваквиот пристап не придонесува за мир, ниту, како што рече, ја одразува реалната состојба на терен, додавајќи дека Израел не може да продолжи соработка со организации што ги смета за пристрасни.
Германија и Русија беа меѓу земјите што гласаа „за“ резолуцијата. Покрај Македонија, воздржани беа и Хрватска, Бугарија, Чешка, Словачка, Албанија, Грузија, Србија и Украина, додека Унгарија гласаше „против“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се претставува како противник на мигрантите, а во 2018 туркал камп во Бардовци
ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека јавно настапува како противник на мигрантите, додека за време на владеењето на СДСM, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, водел политика за населување мигранти во Македонија.
Во соопштението се наведува дека во периодот на владеење на Сoцијалдемократскиот сојуз постоела, како што тврдат, партиска и државна политика за носење мигранти, при што се посочува дека во 2018 година бил усвоен План за изградба на мигрантски камп во населбата Бардовци.
Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за изградба на кампот е објавена во Службен весник во 2018 година и се однесува на имот со Имотен лист број 2140 за катастарската општина Бардовци.
Од партијата тврдат дека СДСМ и Филипче, и покрај, како што наведуваат, јавно изнесените деманти дека во Македонија ќе се носат мигранти од Велика Британија, продолжуваат да конструираат приказни и да шират паника меѓу граѓаните.
Во соопштението се поставуваат прашања до Венко Филипче и Зоран Заев за тоа колку мигранти биле подготвени да примат и каков профит би оствариле од таков чекор, како и зошто, според ВМРО-ДПМНЕ, континуирано ја актуелизираат темата со мигрантите.
На крајот, од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат СДСМ и Филипче да престанат со, како што наведуваат, ширење паника и да се посветат на внатрешни партиски реформи, додавајќи дека „единствени мигранти во Македонија се партиските мигранти на СДС кои заминуваат во други партии“.
Македонија
СДСМ: За мигрантите мора да одлучува Собранието, а не општините
Собранието, а не општините, мора да одлучува за прашањето со мигрантите, соопшти денеска СДСМ, оценувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски со денови одбива јасно да одговори дали ќе ја потпише предложената резолуција со која, како што наведуваат, треба да им се гарантира на граѓаните дека во Македонија нема да има прифаќање мигранти за пари.
Од СДСМ наведуваат дека наместо директен одговор, Мицкоски најавува локални иницијативи преку советниците на ВМРО-ДПМНЕ во одредени општини, што според партијата е обид темата да се префрли од државно на локално ниво.
„Зошто Мицкоски не го споменува Собранието, туку зборува за општини? Собранието е највисокиот орган на државата и е составено од пратеници директно избрани од народот. Затоа резолуцијата е народен договор“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ посочуваат дека Собранието е над општините и има надлежност да спречи прифаќање мигранти на целата територија на државата. Во соопштението иронично се додава дека „добро е што премиерот не најавил иницијативи на ниво на месни заедници“.
Партијата уште еднаш го повика премиерот Христијан Мицкоски јасно да се изјасни дали ќе ја потпише резолуцијата, наведувајќи дека од него се бара едноставен одговор – „да“ или „не“, и тоа, како што велат, не до СДСМ, туку до граѓаните.
Вчера, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, соопшти дека опозицијата се обединува против, како што беше наведено, тајните договори на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање мигранти. Филипче информираше дека на негова покана се одѕвале претставници на сите партии од опозициската коалиција, кои разговарале за договор за мигранти со Велика Британија.
Тој изјави дека сите учесници се согласиле оти ваквиот модел претставува голема опасност за државата и нагласи дека резолуцијата за прекин на процесот за примање мигранти не е партиска, туку државничка и граѓанска иницијатива.
Од друга страна, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека мигрантски кампови нема да има и најави дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијативи до советите во општините за усвојување документи со кои ќе се забрани формирање мигрантски кампови на нивните територии.
Тој го обвини СДСМ дека свесно шири страв и паника кај граѓаните, посочувајќи дека Владата и надлежните институции повеќепати ги демантирале ваквите тврдења.

