Топ
Карамбол кај Охрид, учествуваше и возило од Србија: осум лица повредени во сообраќајна несреќа на патот Охрид – Свети Наум

Во текот на вчерашниот ден, во 18.30 часот, било пријавено дека на регионалниот пат Охрид – Свети Наум се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „голф“, со црногорски регистарски ознаки, управувано од В. И. (77) од Р. Црна Гора, патничко моторно возило „мерцедес“, со српски национални ознаки, управувано од С. М. (27) од Р. Србија и патничко моторно возило „форд“, со охридски регистарски ознаки, управувано од С. Т. (61) од Охрид.
Во несреќата тешки телесни повреди добила сопатничка од возилото „голф“, О. И. (70), од Р. Црна Гора, а телесни повреди добиле тројцата возачи, двајца сопатници од возилото „голф“ и уште двајца сопатници од возилото „мерцедес“, констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Извршен бил увид од екипа на СВР Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради сериозен дефект, МРТВ не емитува три дневника: се проверува дали е намерен упад во системот

Македонската радио-телевизија информира дека поради сериозен технички проблем, вчера не беше во можност да ги емитува телевизиските дневници во 17, во 19 и во 22.30 часот.
Од таму велат дека се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем поради постојните сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија.
Од МРТВ наведуваат дека во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции.
„Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија на нашата програма. Македонската радио-телевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста“, се наведува во соопштението.
Македонија
Родителите на жртвите од „Пулс“: Привремено се прекинуваат блокадите, маршевите продолжуваат секоја сабота

Семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани информираа дека по добивањето на датумот за почеток на судскиот процес, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но маршевите ќе продолжат секоја сабота – како симбол на нивната упорност и борба за вистината.
Претходно, беше соопштено дека главната расправа за предметот е закажана за 19 ноември 2025 година.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, се наведува во соопштението.
Родителите очекуваат фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе.
„Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија“, додаваат тие.
Во изјавата се упатува и повик до јавноста, медиумите и до институциите да го следат процесот со должно внимание бидејќи, како што се наведува, „ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста“.
Македонија
Прекин на испораката на гас за ЈСП, можни се отстапувања од возниот ред

ЈСП информира дека до утре ќе има прекин на испораката на гас и поради тоа е можно да има прекин на некои автобуски линии.
„Во согласност со добиената информација од НОМАГАС АД Скопје дека ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија до 17.10.2025 година, ве известуваме дека се можни отстапувања од возниот ред“, соопшти ЈСП.
Од таму велат дека доколку бидат информирани за евентуални промени за времетраење на прекинот, јавноста навремено ќе биде известена.