Свет
Експлозии и земјотрес во Њујорк, хеликоптери го надлетуваат градот

Пожарникарите од Њујорк иницираа протокол за одговор при итни случаи по извештаите за експлозии и тресење на земјата на островот Рузвелт рано наутро.
Пожарникарите и полицијата биле повикани на блокот 580 на главната улица, јужно од мостот и трамвајот на островот Рузвелт, нешто пред 6 часот наутро по повеќе извештаи за мали експлозии и потреси, соопшти противпожарната служба.
Потенцијални експлозии предизвикаа прекин на електричната енергија на островот Рузвелт. Според информациите, градот ќе го надлетуваат хеликоптери.
Додека патиштата остануваат отворени, NYPD го насочува сообраќајот низ областа. Службите за итни случаи сè уште се на терен и се обидуваат да го откријат изворот на наводната експлозија.
Нема извештаи за повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Почнуваме директни преговори со Иран, договорена е многу голема средба

Соединетите Држави и Иран започнуваат директни разговори за нуклеарната програма на Техеран, рече американскиот претседател Доналд Трамп во ненадејна изјава откако иранските власти претходно ги отфрлија повиците за такви разговори.
Иран се спротивстави на заканите на Трамп дека ќе ги бомбардира доколку не преговараат директно за нивната нуклеарна програма, иако тој ја остави отворена вратата за индиректни дискусии.
„Водиме директни преговори со Иран и тие ги започнаа. Имаме многу голем состанок во сабота и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека би било подобро да се постигне договор“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба за време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е во посета на Вашингтон.
Предупредувањата на Трамп за можна воена акција против Иран ги разнишаа веќе затегнатите односи низ Блискиот Исток по отворената војна во Газа и Либан, воените напади врз Јемен, промената на раководството во Сирија и израелско-иранската размена на оган.
Трамп рече дека повеќе би сакал договор за иранската нуклеарна програма отколку воен конфликт. Тој додаде дека на 7 март му пишал на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи да предложи разговори.
Иранските власти тогаш изјавија дека Техеран нема да биде принуден на преговори.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот меѓу Иран и светските сили со кој беа поставени строги ограничувања на спорните нуклеарни активности на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Трамп, исто така, повторно воведе опсежни американски санкции кон Иран.
Оттогаш, Иран далеку ги надмина границите на тој договор за збогатување ураниум.
Западните сили го обвинуваат Иран за таен план за развој на способност за нуклеарно оружје со збогатување на ураниум до ниво надвор од она што тие велат дека е оправдано за цивилна програма за атомска енергија.
Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма се развива целосно за цивилни енергетски цели.
Европа
Зеленски за прв пат потврди дека украинските сили се наоѓаат во руската област Белгород

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за прв пат потврди дека украинските трупи се активни во рускиот регион Белгород за да ги заштитат украинските градови во близина на границата.
Украинските сили останаа во делови од соседната руска област Курск осум месеци по прекуграничниот упад, иако руските сили повторно зазедоа голем дел од изгубената територија.
Во своето ноќно видео обраќање, Зеленски рече дека украинскиот врховен командант Олександр Сирски презентирал извештај за присуството во руските региони Курск и Белгород.
„Продолжуваме со активните операции во пограничните области на непријателот и тоа е апсолутно оправдано. Нашата главна цел останува иста – да ја заштитиме нашата земја и нашите заедници во регионите Суми и Харков од руските окупатори“, рече Зеленски.
Тој се осврна и на операциите на украинскиот 225-ти јуришен полк во областа, честитајќи и на единицата за нејзината изведба.
Зеленски го повтори долгогодишното тврдење на Киев дека, и покрај тоа што Русија ги врати областите на Курск во последниве недели, операцијата беше успешна бидејќи ги повлече руските сили од главната линија на фронтот во украинскиот регион Доњецк.
Свет
Макрон разговараше за Газа со Трамп и арапските лидери

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера од Каиро, каде што е во посета, организираше разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори, на тема Газа, соопшти Елисејската палата.
„На иницијатива на претседателот на Републиката денеска беше организиран повик со претседателот Трамп, претседателот Сиси, кралот на Јордан и претседателот на Републиката за да се разговара за ситуацијата во Газа“, соопштено е.
„Тројцата лидери разговараа со претседателот Трамп за начините итно да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа, нагласувајќи ја потребата веднаш да се воспостави целосен пристап за испорака на хуманитарна помош и ослободување на сите заложници и затвореници“, објави француското претседателство.
„Тие инсистираа на потребата да се создадат услови погодни за вистински политички хоризонт и да се мобилизираат меѓународните напори за да се стави крај на страдањата на палестинскиот народ, да се врати безбедноста и мирот за сите и да се имплементира решение за две држави“, се додава.
Според Париз, „тројцата лидери и претседателот Трамп одлучиле да останат во близок контакт“.
Во Каиро, Емануел Макрон, Абдел Фатах ал-Сиси и Абдала Втори покажаа дека формираат обединет фронт за да се спротивстават на „префрлањето на населението“ од Газа, предвидено во неодамнешниот контроверзен план на Трамп за опколената палестинска територија, јавува агенцијата Франс прес.