Книги
‘Година без лето’ од Виолета Танчева-Златева добитник на наградата Браќа Миладиновци

Книгата „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата за 2015 година.
Претседателот на жирито, професор Зоран Анчевски на прес-конференцијата, во образложението рече дека авторката недвосмислено покажува оти е поет во вистинска смисла на зборот. Во исто време, додаде, не претендира нејзината поезија да се одликува со длабока симболика или пак со изнасилен излив кој не дозволува нејзината поезија да биде само неконтролиран излив на емоции.
„Во книгата Танчева – Златева остварува еден завидно зрел стилски баланс на поетскиот израз што внимателно се држи до традиционалното пеење, но без зазор од иновацијата и експериментот во ритмиката и музиката на песната. Иако општиот впечаток е дека книгата зрачи со ненаметлив и тивок лиризам, тој е само привидно таков, бидејќи Танчева-Златева многу умешно и дозирано користи необични и свежи трополошки решенија со чија помош постигнува ненадејни, очудени пресврти и необични завршници на своите поетски творби. Токму затоа поетскиот јазик на Танчева-Златева се искрева на едно завидно високо рамниште, што во моментов ја прави еден од најинтересните и најзрелите поетски гласови во современите текови на нашата поетска традиција“, рече Анчевски.
Во „Година без лето“, додаде тој, се поместени повеќе песни кои поттикнуваат неколкукратни читателски навраќања и промислувања за поетските слики, визии и промисли. Се надеваме дека таквата рецепција ќе ја доживеат не само кај македонскиот читател, туку и секаде каде што ќе се најде препевот што оваа поетска книга ќе го доживее“, додаде Анчевски.
Наградата „Браќа Миладиновци“, според директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски, значи одлик на она што било продукција меѓу двете фестивалски изданија.
Првпат годинава, како што рече Стефоски, на конкурсот пристигнаа 50 книги, што го покажува итересот за поезијата во македонската книжевна средина..
На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ во потесен круг влегоа „Киноутро“ од Јовица Ивановски, „Слики“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ од Радован Павловски, „Година без лето“ од Виолета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ од Тодор Чаловски./крај/мф/бб
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.
Книги
Книгата „Мајсторот“ од Димитар Башевски објавена во Софија

Во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија, деновиве е објавена книгата раскази мајсторот од Димитар Башевски. Тоа е трета книга од Башевски објавена во Бугарија. Претходно објавени се неговите романи „Бунар“ и „Круг“. Преводот на книгата „Мајсторот“ од македонски на бугарски јазик е на Тања Попова.
Во текстот кон објавената книга се вели дека „Димитар Башевски го води читателот на книжевно патување низ длабоките слоеви на човечките емоции и вечните потраги. Со екстремна леснотија и чувство за јазични нијанси, авторот слика живописни слики на љубов, страст и копнеж кои се испреплетени со огромните прашања за смислата на животот и човечкото место во светот“.
Димитар Башевски е автор на дваесеттина книги проза и поезија. Добитник е на највисоките книжевни и општествени награди во земјата. Неговите книги се преведувани и објавувани на повеќе европски јазици.
Книги
МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, на состанокот на 15.04.2024 г. донесе одлуки за доделување на наградите на МАИ меѓу двата саема во мај 2023 и април 2024 година.
Признание за најдобра едиција, при што основен критериум бил уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, со 1. место наградена е едицијата „ПРОаЗА“ („Или-или“), со 2. место едицијата „Бранови“ („Антолог“) и со 3. место едицијата „Современи класици“ („Арс ламина“).
Признание за најдобар оригинален дизајн на корица добија „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески („Полица“), „Базирано врз речиси вистинити настани“ од Ѕвездан Георгиевски, дизајнирана од Наталија Лукомска („Бегемот“) и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, дизајнирана од Марко Трпески („Антолог“).
Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание добија „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот: Петер Личковски („Бегемот“), „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова Младеновиќ; графичко уредување на „Арс ламина“ и „Гени, мени, сени“ од Владимир Лукаш (текст и илустрации), со графичко уредување на „Супрема“.
Признание за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) добија „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) („Арс ламина “), „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“) и „Рокчето“ од Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска („Арс ламина“).
Во категоријата најкреативно издание каде влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност, признанија добија „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска („Чудна шума“), „Шарени ириси“ од Јована Матевска Атанасова, со илустрации на Симонида Филипова Китановска („Арс ламина“) и „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска („Арс ламина“).
Признанието за автор на годината го доби Лидија Димковска („Три“).