Култура
Костадиновска-Стојчевска: Достојно го поддржуваме Вевчанскиот карневал, остануваме чувари на македонската традиција и култура
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на прес-конференција по повод претстојното издание на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2024“, која од 12 до 14 јануари ќе се одржи во Вевчани.
Костадиновска-Стојчевска информира дека Министерството за култура го препознава значењето на карневалот како нематеријално културно богатство и достојно во континуитет вложува во неговиот развој.
„Пред неколку дена со градоначалникот на општина Вевчани, Кочовски, склучивме договор за финансирање на Вевчанскиот карневал во вредност од 1,8 милион денери. 70 отсто од сумата Министерството за култура веќе ја префрли на сметката на Општината пред почетокот на Ккрневалот, со цел негова ефикасна реализација. Ја препознаваме вредноста на карневалот, неговата автентичност како чувар на македонската традиција, култура и историја и како еден од најголемите наши амбасадори во светот“, рече министерката за култура.
На прес-конференцијата се обратија и градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, и промоторот на манифестацијата, познатиот шоумен Игор Џамбазаов, кои рекоа дека Вевчанскиот карневал е гордост за Вевчани, но и за целата држава.
„Само вака можеме да покажеме дека заедно се грижиме за културното наследство, дека продолжуваме да ги негуваме обичаите што ги претставува Вевчанскиот карневал затоа што со поддршка на карневалот, кој претставува културна туристичка атракција од овој регион, го поддржуваме иновативниот дух на Вевчани. Морам да кажам дека едвај го чекам и почетокот на самиот карневал и во исчекување на ова ново издание на репертоарот од маски, на зетот и невестата, музичарите, ѓаволите, на Глупиот Август, како и на новите сатирични коментари, кои се здрав коректив на општеството“, посочи министерката.
И годинава манифестацијата ќе биде придружена со богата музичка програма, која почнува на 12 јануари вечерта, а ќе настапат: диџеј Ампов, Јанг Деди, како и Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, а концерт ќе одржи и популарната група „Нокаут“. Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а на сцената ќе настапат „Акустик бенд“, Наум Петрески и Оркестарот на тапани и зурли од Вевчани и на крајот Перо Волк и Коки од „Биоритам“. Карневалот завршува на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Дон Кихот“ на Дино Имери и Дијана Илкоска Имери – премиерно и во Битола
По фантастично успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, делото „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има и својата битолска премиера.
В недела, на 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот, овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес ќе биде претставен и пред битолската публика.
Делото е создадено по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржано од Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:
· Дино Имери – пијано,
· Ади Имери – гитара,
· Тина Иванова – наратор и автор на текст.
Како што кажува и самиот наслов, главната инспирација е едно од најзначајните дела во светската и шпанската книжевност – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што тргнуваат во потрага по нови авантури и со намера повторно да се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.
Текстот на нараторот, кој ја дополнува концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, служи како поддршка и проширување на програмската музика.
Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.
Култура
Охрид домаќин на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“
Охрид и Република Македонија на 11 и 12 декември 2025 година се домаќини на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“.
Конференцијата официјално ќе биде отворена на 12 декември во 10:00 часот со воведно обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Свои обраќања ќе имаат и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, министри за култура, заменици-министри и претставници од земјите од ЈИЕ.
На конференцијата ќе биде усвоена Охридската декларација „Одржливи културни модели за иднината“.
Република Македонија го презеде претседателството со „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ во 2024 година за време на министерската конференција што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора.
Култура
Проекција на исклучителниот шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотека
Специјалната проекција на вознемирувачкиот и исклучителен шпански трилер „ПИГИ“ во Кинотеката на Македонија. Филм што ѝ го отвори патот на режисерката Карлота Переда кон меѓународната сцена и ја утврди како едно од најзначајните имиња во современиот хорор.
Настанот се реализира како соработка на Кинотеката на Македонија и Амбасадата на Шпанија во нашата земја.
Во задушливото лето на рурална Екстремадура, тинејџерката Сара – маестрално интерпретирана од Лаура Галан – секојдневно се соочува со сурово врсничко насилство. Нарекувана „свинче“ и запоставена дури и во сопствениот дом, таа живее во изолација. Но, еден случаен и сериозно вознемирувачки настан кај локалниот базен ја втурнува во мрачен круг на одмазда, претворајќи ја потиснатата болка во шокантно, но и катарзично ослободување.
„ПИГИ“ е маестрален спој на психолошки трилер и хорор, создаден врз основа на наградуваниот краток филм на Переда од 2018 година. Филмот храбро ги отвора темите на телесната стигма, малтретирањето и траумата, градeјќи атмосфера натопена со напнатост, која кулминира во незаборавно кинематографско финалe.

