Македонија
Новата поликлиника во Сарај пуштена во употреба ќе опслужува 45.000 граѓани од овој дел на градот
Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, присуствуваше на отворањето на новата поликлиника во Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители од овој дел на градот.
„Голема е честа утрово заеднички да го промовираме отворањето на новата поликлиника во Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители во овој дел од градот. Би сакал да истакнам дека ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме“, рече Меџити.
Според него, станува збор за инвестиција во вредност од 79 милиони денари, обезбедени од Министерство за здравство.
„Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесеттина населени места (меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други). Досега пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника во Ѓорче Петров“, додаде Меџити.
Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство.
„Значи, во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пуктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија. Покрај превентивните служби, во поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко-консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген-дијагностика, ОРЛ-кабинет и кабинет за дерматовенерологија. За успешно функционирање на поликлиниката обезбеден е и стручен медицински кадар за што во декември минатата година беа реализирани 26 нови вработувања од разни профили, како што се: доктори на медицина, медицински сестри, лаборанти и друг кадар наменети за поликлиника во Сарај. Максимално сме посветени кон зајакнување на јавното здравство преку подобрување на инфраструктурата, набавка на нова опрема, нови лекови и вложување во човечкиот капитал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период“, истакнува Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

