Македонија
Николовски: Со историски најголемиот капитален проект во водоснабдувањето вреден над 100 милиони евра градиме нови четири системи за наводнување
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со извршниот директор на ЦЕС, д-р Карл Филип Хигин, го потпиша договорот за имплементација на четирите системи за наводнување по долината на реката Вардар како дел од програмата за наводнување на Северна Македонија. Историски проект во водоснабдувањето вреден над 100 милиони евра, кој обезбедува наводнување нови 13.650 хектари земјоделско земјиште.
„Наводнувањето на земјоделското земјиште е главниот основ за квалитетно домашно земјоделство. Нема квалитетен род без наводнување. Токму затоа наводнувањето е еден од клучните сектори во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Како Министерство и Влада, постојано сите овие години посветено работиме во модернизирање на националниот систем за наводнување на земјоделското земјиште градејќи нови и реконструирајќи ги постојните системи за наводнување на земјоделското земјиште. Чест ми е што денес имам можност да потпишеме нов договор за консултантски услуги преку кој почнуваме со реализација на нови четири значајни капитални инвестиции во водоснабдувањето обезбедувајќи сигурно наводнување нови 13.650 хектари земјоделско земјиште“, рече Николовски.
Важна е, според него, и историски до сега најголема капитална инвестиција во водоснабдувањето вредна над 100 милиони евра.
„Овие четири системи за наводнување се дел од програмата за наводнување на Северна Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар. Станува збор за хидросистемот ‘Лисиче’, систем што ги опфаќа земјоделците од општините Велес и Чашка и би обезбедил наводнување 3.650 хектари земјоделско земјиште. Потоа хидросистемот ‘Пепелиште’, кој ги опфаќа земјоделците од општните Неготино и Демир Капија, со наводнување површини од 3.000 хектари. Третиот важен проект е хидросистемот ‘Страиште’, кој ја опфаќа општина Валандово, наводнувајќи земјоделска површина од 1.500 хектари. Четвртиот проект е хидросистемот ‘Конско’, кој опфаќа наводнување на 5.500 хекатари земјоделско земјиште од општините Гевгелија, Богданци и Дојран“, додаде Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: Најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на првата национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, што се одржа во Скопје во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Пред претставници на Владата, општините, ЗЕЛС, РСБСП и експертската јавност министерот ги истакна загрижувачката состојба со сообраќајната безбедност и потребата од системски и координиран пристап.
„Како и во светот, и кај нас најчести жртви на сообраќајните незгоди се младите. Минатата година имавме 78 жртви на милион жители, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек од 40, а далеку над скандинавските земји, каде што бројката е до 20 жртви на милион жители“, нагласи министерот.
Во своето обраќање тој посочи дека Македонија се приклучува кон европската стратегија Safe System, чија цел е до 2030 година бројот на жртви да се намали за половина, а до 2050 година да се постигне целосно нулта жртви.
Тошковски дефинира дека клучните елементи на овој систем, кој заеднички треба да го имплементираат институциите, се: безбедна брзина, безбедни учесници во сообраќајот, безбедни патишта, безбедни возила и ефикасна институционална реакција по незгода.
Министерот ја поздрави иницијативата за потпишување на првата декларација за сообраќајна безбедност, со која општините формално се обврзуваат дека ќе работат системски на подобрување на условите и на инфраструктурата.
Посебен акцент беше ставен на почнатиот пробен период на системот „Безбеден град“, кој преку автоматско препознавање веќе детектира стотина илјади прекршоци. „Ова е значаен чекор кон современ, ефикасен и дисциплиниран сообраќајен амбиент“, истакна Тошковски.
Македонија
Исплатата на пензиите продолжува редовно, постапката во Уставниот суд не менува ништо
Министерството за социјална политика, демографија и млади ја информира јавноста дека исплатата на пензиите се одвива редовно и без промени. Сите пензии се исплаќаат во согласност со важечките законски одредби.
„Во врска со информациите за постапката во Уставниот суд, Министерството појаснува дека отворањето постапка не значи укинување или измена на мерките што во моментот важат. Сите законски решенија остануваат во сила до донесување конечна одлука од судот“, се наведува во соопштението.
Министерството апелира до пензионерите да не подлегнуваат на дезинформации и шпекулации и додава дека каква било евентуална промена во законската рамка ќе биде навремено и транспарентно соопштена.
Македонија
Советот за реформа на јавната администрација го усвои ревидираниот акциски план 2023 – 2026
Денес се одржа третата седница на Советот за реформа на јавната администрација како највисоко координативно тело задолжено за управување со реформските процеси во јавната администрација, со која претседаваше премиерот Христијан Мицкоски.
На седницата членовите на Советот го разгледаа и усвоија ажурираниот акциски план 2023 – 2026 година од стратегијата за реформа на јавната администрација 2023 – 2030, кој е усогласен со приоритетите од програмата за работа на Владата 2024 – 2028, како и со документите од процесот на европската интеграција – Патоказот за РЈА и Реформската агенда.
Планот е во корелација и со измените во Законoт за организација и работа на органите на државната управа, со што се идентификувани водечките институции надлежни за реализација, како и другите органи вклучени во спроведувањето на активностите, дополнително интегрирани се и препораките од извештајот од оценската мисија на SIGMA за 2024 година, информираат надлежните.
Во рамките на дискусијата беше истакната важноста од планираното и навремено спроведување на реформските активности со цел унапредување на ефикасноста, професионалноста и на транспарентноста во работењето на јавната администрација.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев во своето излагање ја нагласи значајната улога на Советот и континуитетот во неговата работа.
„Одржувањето вакви седници на Советот за реформа на јавната администрација е од исклучително значење бидејќи нивната редовност, транспарентност и конструктивност беа поздравени и нотирани во извештајот за напредокот на Европската комисија како позитивна практика во управувањето со реформските процеси“.
Тој додаде дека Министерството за јавна администрација ќе продолжи активно да го координира спроведувањето на реформските мерки и да обезбедува поддршка на институциите со крајна цел создавање модерна, услужна и професионална администрација во служба на граѓаните.

