Македонија
Мајката на 4-годишното девојче со гангрена и повреди ќе учи вештини за родителство пред да ѝ се вратат одземените три деца
За да си ги добие трите одземени деца, мајката на 4-годишното девојче, кое со гангрена на дланките и стапалата и со повреди по телото беше однесено в болница, ќе мора да ги зајакне родителските вештини. Министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, вели дека нема податоци од каде е семејството оти немаат документи и покрај многуте повици таквите лица да се евидентираат, но извести дека семејството има уште две деца, кои сега ги чува дедото, а во тек е постапка за нивно сместување во згрижувачки семејства.
„Се работи за семејство што не е од Струмица, дојдено е привремено овде. Се работи за семејство со уште три малолетни деца. Во моментот децата се кај дедо им и се работи на тоа да бидат сместени во згрижувачко семејство. Мајката е со детето на Детската клиника во Скопје. Штом се подобри состојбата, се надевам дека ќе се подобри, стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите, дека може да се грижи за децата, да им бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца“, рече министерката Тренчевска денес по отворањето нова сензорна соба во градинката „Виножито“ во Струмица, донација од Кина.
Дополнителни мерки министерката најави дека ќе бидат преземени откако МВР и Обвинителството ќе го завршат нивниот дел од работата.
За целото семејство ќе биде спроведена постапката за евиденција во Управата за водење на матичните книги за да може да бидат вклучени и да ги остварат правата за социјална и детска заштита.
„Немам информации од каде се дојдени овде во Струмица. Центарот од Струмица излезе на самото место. Секак, тука се вклучи и медицинскиот центар, кој му ја даде неопходната здравствена заштита на семејството. Сигурно условите во кои живеат се супстандардни. Децата ќе бидат во згрижувачко семејство и секако дека доколку Центарот за социјални работи утврди дека нема услови понатаму родителите да се грижат за овие деца, ќе им бидат одземени и сместени во згрижувачки семејства. Обвинителството си работи и очекуваме штом заврши истрагата и штом ги имаат сите докази, да ни бидат доставени за да можеме соодветно на нив да преземеме конкретни активности“, рече министерката Тренчевска.
Центрите за социјална грижа беа алармирани откога мајката го однесе повреденото четиригодишно девојче во струмичката болница со повреди по целото тело, а од таму заврши на Детската клиника во Скопје.
Директорката на Детската клиника, Валентина Цвејоска-Чолаковска, рече дека детето било донесено во исклучително тешка состојба, неисхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата. На Клиниката успеале да ги стабилизираат виталните параметри на девојчето и во тек е нејзино лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавен јавен повик за субвенции за чистење на оџаци во Општина Гази Баба
Објавен е јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за чистење на оџаците во своите домаќинства, објави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Загадениот воздух е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваме. Со редовно чистење на оџаците се овозможува подобро согорување на огревното дрво, намалување на штетните честички ПМ10 и ПМ2.5, поголема заштита од пожари и зачувување на животната средина“, вели Стефковски.
Висината на субвенцијата е 1.200 денари по домаќинство.
Право на учество имаат жители на општина Гази Баба; Домаќинства со исчистен оџак во периодот од објавата на повикот до 30.11.2026; Со фискална сметка и потврда од овластена фирма.
За аплицирање потребно е да се достави барање со потребната документација во архивата на Општина Гази Баба, ул. „Архимедова“ бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Повеќе информации и формулари на линкот од јавниот повик.
Македонија
Средба Милошоски – Клајн: Поддршка од Унгарија кон нашите ЕУ интеграции
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн, придружуван од заменик-шефот на Мисијата, Атила Фодор.
Во разговорот беа потенцирани одличните билатерални односи на нашата земја со Унгарија, засновани на меѓусебна доверба, почит и соработка. Посебен акцент беше ставен на економската и политичката соработка помеѓу државите, како и реализацијата на заеднички проекти.
Амбасадорот Клајн ја истакна поддршката на Унгарија кон нашите ЕУ интеграции, истакнувајќи ја важноста на членството во ЕУ на земјите од Западен Балкан кон стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Регионот.
Македонија
Превентивно повлечени одредени серии „Аптамил“ формули за доенчиња, соопшти АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека, врз основа на информации добиени преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна и храна за животни (RASFF), спроведено е превентивно повлекување од пазарот на одредени серии формули за доенчиња од брендот „Аптамил“.
Направена е итна инспекциска контрола кај увозникот на производите, од кој АХВ доби и официјално известување дека од пазарот веќе се повлечени производи опфатени со нотификациите и дека е извршено и нивно отповикување. Повлекувањето се однесува на ограничен број серии кај кои постои можност за присуство на цереулид.
„Производи опфатени со повлекувањето:
· APTAMIL AR 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250924 / 111492248 24.09.2026
20251106 / 111505015 06.11.2026
· APTAMIL PRONUTRA 2
Сериски број (лот) Рок на употреба
20250619 / 111450979 19.06.2026
20260720 / 111470149 20.07.2026
20260922 / 111494041 22.09.2026
20261027 / 111509436 27.10.2026
20261130 / 111518857 30.11.2026
20261219 / 111526365 19.12.2026
20270121 / 111539141 21.01.2027
· APTAMIL PRONUTRA 1
Сериски број (лот) Рок на употреба
20260722 / 111473082 22.07.2026
20260904 / 111489543 04.09.2026
20261014 / 111504828 14.10.2026
20261126 / 111519122 26.11.2026
АХВ со апел потрошувачите кои имаат купено од наведените производи со дефинираните сериски броеви и рокови на употреба, истите да не ги користат, нештетно да ги уништат, или да ги вратат на местото од каде се купени.

