Свет
Хамас за предлогот на Израел: Трајниот прекин на огнот останува главен услов за разговорите за размена на затвореници

Главен услов на Хамас за разговори за размена на заробеници со Израел останува целосен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на тоа палестинско движење, Валид Килани, додавајќи дека групата сè уште не го добила предлогот на Израел за двемесечен прекин на огнот во палестинската енклава.
„Главниот услов не е привремен, туку траен прекин на огнот. Дури потоа ќе се разговара за други прашања, како што е размената на затвореници и продолжувањето на хуманитарната помош“, изјави Килани за агенцијата „Анадолија“.
Тој додаде дека лидерите на Хамас го виделе новиот израелски предлог во медиумите, но дека не го добиле официјално.
Порталот „Аксиос“ претходно денеска објави дека Израел преку катарски и египетски посредници претставил предлог за прекин на воената офанзива против Хамас на два месеца во замена за постепено ослободување на преостанатите 136 заложници во Газа.
Предлогот не го прифаќа барањето на Хамас, Израел целосно да ја прекине војната, но оди чекор подалеку од она што Израел го направи во претходните понуди, објави американската веб-страница цитирајќи двајца израелски претставници.
Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на загинатите заложници во неколку фази.
Израелските власти рекоа дека чекаат одговор од Хамас, но истакнаа дека се внимателни оптимисти за можноста за напредок во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ: Путин му се јави на Нетанјаху, разговараа за Сирија и Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин разговараше по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објави прес-службата на Кремљ. Според руските власти, лидерите на двете земји разговарале за напнатата ситуација на Блискиот Исток.
„Руската страна ја потврди својата цврста позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот“, вели Кремљ. Путин ја нагласи важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Рускиот претседател, исто така, ја изрази подготвеноста на Русија да помогне во наоѓањето преговарачки решенија поврзани со нуклеарната програма на Иран.
Свет
Напад со нож во Лондон. Двајца мажи убиени, осомничениот во сериозна состојба

Двајца мажи починаа, а двајца други се хоспитализирани по насилниот инцидент во центарот на Лондон вчера. Еден од хоспитализираните мажи е приведен под сомнение дека е поврзан со нападот.
Метрополитенската полиција извести дека добила повик за напад во Саутерк околу 13 часот во понеделник. На местото на настанот, пронашле четири лица со убодни рани. 58-годишен маж починал на лице место, додека преостанатите три лица биле итно префрлени во болница. 27-годишен маж подоцна им подлегнал на повредите.
Третиот повреден маж, на возраст од триесет години, сè уште е на болничко лекување, а неговите повреди не се опасни по живот. Четвртиот маж, исто така во триесеттите години, беше приведен како осомничен, но и тој е во болница во животозагрозувачка состојба.
„Нашата истрага е во рана фаза и работиме напорно за да ги расветлиме сите околности околу овој шокантен инцидент“, рече детективката началничка на полицијата Ема Бонд. „Во овој момент, не веруваме дека инцидентот е поврзан со тероризам и дека нема понатамошна опасност за јавноста“.
Советничката од Саутерк, Наташа Енин, изрази сочувство до семејствата на жртвите. „Ужасната сум и длабоко тажна од смртта на двајцата мажи. Моето искрено сочувство до нивните семејства и пријатели“, рече таа.
Свет
Кина нуди 500 евра годишно за секое дете во период од три години за да го поттикне наталитетот

Поради заканувачката демографска криза, Кина почна да им нуди финансиска помош на родителите за да ги поттикне раѓањата. Новата мерка предвидува родителите да добиваат околу 3600 јуани (околу 465-500 евра) годишно за секое дете помладо од три години.
Тоа значи дека за цел период од три години, по едно дете родителите може да добијат вкупно околу 10.800 јуани, односно приближно 1500 евра. Субвенцијата ќе се плаќа и ретроактивно, па семејствата со деца родени од 2022 година наваму може да аплицираат за помош.
Оваа мерка е дел од пошироките напори на кинеската влада да го зголеми паднатиот наталитет, и покрај укинувањето на политиката на едно дете пред речиси една деценија. Во моментов, трошоците за одгледување деца во Кина се меѓу највисоките во светот, па државата се обидува да им помогне на семејствата да ги покријат овие трошоци.
Локалните власти веќе имаат слични иницијативи, како во градовите Хоххот и Шењанг каде се нудат дополнителни финансиски стимули за семејства со повеќе деца.
Сепак, официјалните податоци покажуваат дека популацијата на Кина опаѓа по трет пат по ред, а населението старее, што дополнително ја зголемува загриженоста за иднината на земјата.