Македонија
Стоилковски: Лукаревска го знае ли Законот за ДДВ, кој предвидува кривични и затвор за лажни податоци, или ѝ треба обука?
Уште колку јавни настапи ѝтребаат на Сања Лукаревска да каже по кој основ утврдила висина на данок кај ОКИТНА и ХАНТ ОСОЈ ако УЈП, по две години и продадени фирми на непостојни лица од Косово, нема пристап до деловните книги?, прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште колку интервјуа ѝ се потребни на Сања Лукаревска да каже зошто ОКИТНА и ХАНТ ОСОЈ се на листа на должници со долг кон УЈП со идентични суми колку што им изнесувал повратот на ДДВ, како што покажуваат и записниците од контролите? Уште колку ТВ-настапи ѝ требаат на Сања Лукаревска за да одговори дали за една од овие две фирми што пријавиле увоз од странство за поврат на ДДВ, Царината немала податоци за таков увоз, што покажува огромен криминал? И, најважно, по сето тоа, Сања Лукаревска не одговара зошто не поднесува кривична пријава до ЈО? Поднесувањето до Финансиската полиција е половично читање на законот. Дали Сања Лукаревска ќе научи дека кога има законски одредби, тие треба да се почитуваат, или ѝ требаат обуки да ги чита законите цели, а не само до половина?“, вели Стоилковски.
Тој прашува и дали Сања Лукаревска го знае законот за ДДВ, член 60-а, кој се однесува токму на тоа: за поднесување даночна пријава со неточни податоци за да се стекне имотна корист и за тоа е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.
„А втората алинеја на членот вели дека ако износот е значителен, затворската казна е најмалку четири години. За ОКИТНА и за ХАНТ ОСОЈ се работи за неточни податоци и пријави за поврат на 11, односно 12,2 милиони евра, искористено право на поврат на ДДВ пишува во контролата; дали 23,2 милиони евра не е значителен износ за Сања Лукаревска? Лукаревска го знае ли Законот за ДДВ, кој предвидува кривични и затвор за лажни податоци, или ѝ треба обука? И во насока на директорувањето на Сања Лукаревска: дали две години имало редовни контроли во овие две нови фирми, особено кога трговијата е со огромни суми, туку вонредна има дури по речиси две години? И дали е направена контрола и во другите семејни фирми на основачите на овие две фирми, кои и онака се познати по аферата со поврат на ДДВ од 2020 година? Неодговорените прашања може да водат до заклучок дека има обид да се забошоти криминал тежок над 22 милиона евра поради близина со СДС и/или заспаноста на Сања Лукаревска? Дали Сања Лукаревска ќе научи дека кога има законски одредби, тие треба да се почитуваат? Оттука, уште еднаш го повикувам ЈО да отвори истрага“, посочува Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

