Црна хроника
Обвинителството: Четворица уапсени, извршени се претреси на три места за случајот на Онкологија

По кусата потврда утрово дека се прави претрес на Клиниката за онкологија, Обвинителството попладнево извести дека се приведени четири лица, а претреси се правеле на три локации.
„До овој момент извршени се претреси на три локации и задржани се четири лица. Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со дејства. Задржани се за сомненија за кривични дела. Сите задржани лица се во врска со истиот предмет“, велат од Обвинителството.
Засега, според Обвинителството, нема услови за јавноста да биде подетаљно информирана за приведувањата.
Директорите на Клиниката за онкологија веќе известија дека од кај нив полицијата утрово привела тројца вработени, меѓу кои имало и поранешен директор.
„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и уште двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земана од некаде, не знаеме, исклучен ѝ е телефонот. Едно е медицинско лице и еден вработен“, рече организацискиот директор на Клиниката за онкологија, Халид Матоши.
Медицинската директорка на Онкологија, Виолета Клисаровска, беше повоздражана во изјавите и рече дека дополнителни информации за приведувањето немаат и посочи дека треба да ги соопштат истражните органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Возачот му ветил дека ќе плати за болничките трошоци, но не исполнил – тротинетистот со задоцнување го пријавил настанот

Дваесетгодишен скопјанец впријавил дека на 1 септември годинава учествувал во сообраќајна несреќа во Шуто Оризари, во која се судриле патничко возило „мерцедес“ и електричен тротинет што го управувал тој.
При несреќата младиот тротинетист се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Според неговата пријава, со возачот на автомобилот постигнал договор да му плати за болничките трошоци, но тоа не било сторено, поради што со задоцнување го пријавил настанот во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот на автомобилот и целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Уапсени две лица од Струга и Струшко, осомничени за физички напад и пукање од огнено оружје, следува пријава

Вчера во 23:00 часот, полициски службеници од ОВР Струга го лишија од слобода А.К.(29) од Струга и на 17.09.2025 околу 11:00 часот го лишија од слобода Л.К.(34) од струшкото село Велешта во врска со кривично дело „убиство“ во обид по член 123 став 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Тие, претходно на улица „ЈНА“ во Струга, со метални предмети ги нападнале Б.А.(52) и 17-годишно лице, двајцата од дебарското село Џепиште, по што Л.К. со пиштол испукал неколку куршуми кон Б.А. и избегал.
По преземени мерки, двајцата се пронајдени и лишени од слобода. Повредениот, со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Општата болница во Струга каде се констатирани тешки телесни повреди. По целосно расчистување и документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
(Фото) Претрес во Тетово, пронајдена дрога, уапсени две лица

Вчера во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Ф.Н.(60) и 30-годишната С.С., двајцата од Тетово.
При претрес во домот и помошни простории во Тетово, каде Ф.Н. престојувал заедно со С.С., извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа една ќеса со околу 130 грама бела прашкаста материја, најверојатно кокаин.
Двајцата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.