Европа
(Видео) Поранешната шкотска премиерка плачеше на сослушувањето за коронавирусот, призна бришење на пораки

Никола Старџен се бореше со солзите додека на сослушувањето за периодот на коронавирусот кажа дека во голема мера не сакала да биде шкотска премиерка во времето на избувнувањето на пандемијата. Таа му призна на Џејми Досон, советник во истрагата, дека мисли оти Борис Џонсон е погрешната личност да биде британски премиер.
„Бев премиер кога избувна пандемијата. Голем дел од мене посакуваше да не сум на таа позиција. Но, бев и сакав да бидам најдобриот можен премиер во тој период. На другите е да проценат што и колку успеав“, рече таа, пренесува „Скај њуз“.
Како дел од истрагата се проверува одговорот на децентрализираната администрација на пандемијата. За време на рочиштето се разговараше и за спорните пораки на „Воцап“. Во 2021 година Старџен му вети на новинар дека ќе ги предаде нејзините пораки на „Воцап“ иако знаеше дека тие веќе се избришани.
Сега таа се извини и призна дека ги избришала своите пораки на „Воцап“ и нагласи дека шкотската влада ја користела апликацијата премногу често за време на пандемијата.
Сепак, тврди дека одлуките не биле донесени во врска со апликацијата за пораки. Таа рече дека шкотската влада била отворена, транспарентна и одговорна за време на пандемијата. Таа нагласи дека не се точни сите одлуки и дека се направени некои погрешни проценки.
„Отвореноста и транспарентноста кон шкотската јавност ми беа многу важни уште од самиот почеток на пандемијата. Долг период комуницирав со јавноста секој ден“, истакна таа.
„Не секоја одлука ќе биде правилна и ќе донесеме погрешни пресуди, а денес несомнено ќе ми бидат претставени случаи, кои, по размислување, ќе ме натераат да мислам дека можевме да бидеме потранспарентни отколку што бевме“, продолжи таа.
„Но, со оглед на природата на вонредната состојба со која се соочивме, градењето однос на доверба со јавноста беше важно. И според мое мислење, тогаш и сега, тоа мораше да се изгради врз духот на отвореност“, рече таа.
Таа повтори дека не користела неформални апликации за пораки за да донесува одлуки. „Не реков и не тврдам денес дека никогаш не користев неформални средства за комуникација. Она што го велам е дека тоа го правев многу ретко и не за да разговарам за важни прашања или нешто што може да се опише како одлука“, рече таа.
Верува дека одлуките што ги донела за време на пандемијата ќе влијаат на неа засекогаш.
Ги отфрли обвинувањата за тајност во раните денови на пандемијата.
Таа ги негира тврдењата дека шкотската влада „заспала на воланот“ во февруари 2020 година и дека одлуките биле донесени премногу доцна. Исто така, таа смета дека не ја донела прерано одлуката за забрана на масовни собири во март 2020 година. Заклучила дека жали што оваа одлука не била донесена порано.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Започнува судењето на бездомничката од Алжир која ја силувала и убила 12-годишната Лола во Париз

Денес започнува судењето на жена обвинета за злоупотреба, мачење и на крајот убиство на 12-годишната Лола Давиет, во случај што ја шокираше Франција пред три години и предизвика политичка реакција, објавува „Гардијан“. Телото на несреќното девојче е пронајдено спакувано во пластичен ковчег фрлен на улица во близина на нејзиниот дом во Париз.
Дабија Бенкиред (27) е обвинета за тешко убиство на малолетник, тешко силување и мачење и варварски дела. Случајот предизвика длабок ужас во француската јавност. Лола Давиет се враќала од училиште во петок, 14 октомври 2022 година.
Таа пристигнала во својот дом во 19-тиот арондисман во Париз, каде што нејзините родители работеле, веднаш по 15 часот. Снимките од безбедносните камери ја снимиле како се среќава со Бенкиред, тогаш бездомничка која престојувала во станот на нејзината сестра во истата зграда.
Кога Лола не се појавила дома, нејзините родители кренале тревога. Час и половина подоцна, камерите ја фатиле Бенкиред во лобито на зградата опкружена со неколку ковчези, вклучувајќи го и оној во кој подоцна било пронајдено телото на девојчето.
Случајот брзо доби политичка димензија кога беше откриено дека Бенкиред, која е родена во Алжир, имала наредба за депортација издадена два месеци пред убиството. Крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен ги искористила овие информации за сопствена политичка промоција, објавува „Гардијан“.
За време на истрагата, Бенкиред даде збунувачки изјави, но по серија психијатриски и психолошки прегледи, таа беше прогласена за способна да се соочи со судење. Последните три години ги помина во притвор во затворот Фресне, јужно од Париз.
Според францускиот закон, секој чин на сексуална пенетрација извршен со сила, принуда, закана или изненадување се смета за силување. Доколку биде осудена, Бенкиред се соочува со доживотен затвор. Се очекува судењето да трае до следниот петок, кога се очекува пресудата.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Денес ќе разговарам со Путин

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека планира утрово да разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин за претстојната средба на Путин со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, што Трамп ја објави вчера по телефонскиот разговор со рускиот претседател.
Орбан, исто така, рече дека разговарал со Трамп синоќа.
„Разговарав со американскиот претседател синоќа по телефон. И утрово ќе разговарам со претседателот Путин“, рече унгарскиот премиер на радио „Кошут“.
Орбан, исто така, објави дека средбата меѓу Трамп и Путин во Будимпешта би можела да се одржи за околу две недели.
„Вчера претседателот (Трамп) ни рече да се подготвиме; средбата на двајцата министри за надворешни работи е на дневен ред… Тие (Трамп и Путин) одлучија двајцата министри за надворешни работи да се обидат да ги решат преостанатите прашања во рок од една недела, а потоа, една недела подоцна, ќе можат да дојдат тука во Будимпешта“, рече Орбан на радиото.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Русија: Нападнавме украински аеродром каде што беа стационирани авиони на НАТО

Руските сили извршија напад врз воениот аеродром во Криви Рих, каде што наводно биле стационирани авиони на НАТО, објави руската државна новинска агенција РИА Новости, повикувајќи се на координаторот на проруското „Николаевско подземје“ Сергеј Лебедев.
Украинските власти потврдија дека повеќе од десетина експлозии се слушнале во Криви Рих за време на воздушниот напад, но не го споменаа аеродромот.
Kryvyi Rih has indeed been subject to an awful attack.
At least 10 drones descended on the city in Dnipropetrovsk.
It's no known how many hit targets, but from this video we can see there were quite a few.#RussiaIsATerroristState pic.twitter.com/tQRXmptF7F— Tim White (@TWMCLtd) October 16, 2025
„Беа избројани околу 15 експлозии. Силно гори во областа на аеродромот Лозовацки на север од градот, каде што има пет авиони, вклучувајќи ги и оние на НАТО. Оттаму, масовно се лансираат беспилотни летала кон јужниот дел на Русија: Крим, Краснодарска територија, јужно од Ростовската област“, рече Лебедев.
Русија тврди дека, покрај аеродромот, бил погоден и голем железнички центар со неколку хангари и складишта за оружје.
фото: принтскрин