Спорт
Битола е подготвена за завршниот турнир во Купот, трофејот го брани МЗТ
Извор и фото/ kfsm.mk
Завршниот турнир во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“2024, од четврток до сабота, ќе се одржи во Битола. Организатор на турнирот е КК Пелистер заедно со Општина Битола. Титулата ја брани МЗТ.
МЗТ одбраната на титулата во Купот на Македонија, во четврток ќе ја започне против Гостивар.
„Пред се да изразам задоволство што Купот се игра надвор од Скопје, сите нас треба да не радува што се појавуваат нови кошаркарски центри како што е Битола. Можеби Битола долго време важи за ракометен град, но верувам дека со развојот на кошарката и тоа ќе се помени. Самото име МЗТ носи своја тежина и како 11-кратен освојувач на купот одиме по нов трофеј. Играме со Гостивар, тим предводен од тренер кој е легенда на македонската кошарка и кој ќе знае како да ја подготви својата екипа. Врзавме неколку победи на АБА2 турнирот, без лажна скромност дојдовме во Битола за да го одбраниме трофејот“, изјави Миодраг Тодоровиќ.
На спротивната страна, Јорданчо Давитков како предводник на Гостивар се пожали на проблеми со ростерот, но и најави борба на својот тим во обид да приреди изненадување.
„Битола е кошаркарски град, се надевам дека ќе има полна сала и дека во трите дена ќе бидеме дел од кошаркарски празник. Екипите се доста израмнети и ќе мора сите да се намачат за да стигнат до победите што ги посакуваат. Нека биде се на висина на задачата, па најдобриот нека победи на крај. Можеби е клише, но во купот нема фаворити, тоа е специфично натпреварување во кое многу послаби екипи победувале поголеми фаворити. Ние имаме навистина многу повредени играчи, МЗТ е еден од фаворитите, ние ќе одиграме најдобро што можеме, па ќе видиме колку е тоа најдобро што можеме доволно за да стигнеме до добар резултат“, прокоментира Јорданчо Давитков.
Тренерот на Работнички, Горан Самарџиев, најави дека „центарци“ се подготвени да атакуваат на трофејот.
„Како играч имам многу куп-трофеи, но сега сум во поинаква улога. Работнички секогаш атакува на трофеи, поголем акцент ставаме на титулата, но кога сме тука секако дека ќе сториме се за да го кренеме и куп-пехарот“, прокоментира Горан Самарџиев.
„Црвено-белите“ од Скопје во четвртфиналето ќе се сретнат со ТФТ, ривал што два пати го совладаа во првенството.
„За нас купот засекогаш ќе остане специјално натпреварување, нешто што одговара на нашиот менталитет бидејќи со себе носи и емоција и инспирација. За некој да го освои купот треба да биде на физички план подготвен за три врвни меча во три дена, што не е нималку лесно. Противник ни е Работнички, екипа што е во завршна фаза на враќањето на победнички патеки. Тоа е тим што ни ги нанесе двата најубедливи пораза оваа сезона. Фокусот ни е на првиот меч, а сонуваме за финале в сабота“, изјави стратегот на ТФТ, Боро Смилковски.
Еуро Никел и Чаир ќе излезат на мегдан во четвртфиналето од Купот на Македонија, два тима што важат за пријатни изненадувања оваа сезона.
„Имаме максимален респект кон противникот, знаеме дека имаат претрпено играчки промени во однос на првиот меѓусеен дуел. И тие и ние имаме своја математика, ни останува да се претставиме во најдобро светло “, изјави тренерот на Еуро Никел, Тодор Манев.
Во таборот на Чаир владее оптимизам дека во дебито на куп-натпреварувањето ќе се успее да се стигне најмалку до една победа.
„Сосема заслужено сме дел од ова натпреварување. Еуро Никел е тим што го респектираме, тие се единтвениот тим што успеа да слави против нас во Чаир. Ги увидовме грешките од тој меч, добро ќе се подготвиме, се наоѓаме во добра форма од три победи по ред и верувам дека ќе одиграме добар меч“, прокоментира стратегот на Чаир, Ерхан Рамадан.
Пелистер и Феникс 2010 ќе го одиграат последното четвртфинале на првиот ден од програмата на завршниот турнир од Купот на Македонија. Битолчани како домаќини не ја кријат желбата да стигнат до трофејот пред своите верни навивачи, но против себе ќе го имаат Феникс, тим од кој беа елиминирани лани од ова натпреварување.
Овие два тима се сретнаа пред неколку дена во домашното првенство, победи Пелистер.
„Феникс е традиционално незгоден ривал на Пелистер, натпреварот пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас. Имајќи го во предвид фактот дека за 13 дена игравме шест меча и истрошеноста беше видлива, во однос на тоа како се одвиваше мечот. Се надевам дена во наредните денови ќе се стабилизираме и добро ќе се подготвиме за она што не очекува в четврток. Во моментов сме фокусирани само на Феникс, тим што цела сезона игра квалитетно, воопшто не размислуваме на ништо друго“, изјави стратегот на „пелистерци“, Дарко Радуловиќ.
Феникс лани приреди изненадување со пласманот во големото финале, а скопскиот клуб ќе допатува во Битола со уште поголем оптимизам, најавувајќи атак на големиот трофеј.
„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да се обидеме да го освоиме трофејот“, прокоментира тренерот Денис Дервишевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Капело му се восхитува на голманот на Рома
Пред натпреварот помеѓу Јувентус и Рома, легендарниот тренер Фабио Капело ги откри своите очекувања за дербито во Серија А.
Капело некогаш ги водеше двата клуба, а сега издвои четири фудбалери кои би можеле да бидат клучни фактори во играта, а како Икс фактор го издвои голманот на Рома.
„Свилар. Тој е најдобриот голман во лигата со неверојатен преглед на играта и извонредни одбрани. Тој е голман кој се смета за напаѓач во целокупниот биланс на тимот“, рече славниот Капело.
Што се однесува до другите играчи, Капело го гледа и бразилскиот бек Весли како клучен фактор во Рома, додека Кенан Јилдиз и Франциско Консеисао се во преден план во тимот на Јувентус.
Јуве и Рома се среќаваат во сабота на стадионот „Алијанц“ во Торино во 16-то коло, во Серија А.
„Црно-белите“ се петти на табелата со 26 бода, четири бода зад четвртопласираниот противник.
Foto/ freerangestock
Спорт
Мбапе е на прагот да го сруши рекордот на Роналдо
Килијан Мбапе е на чекор до историско остварување во дресот на Реал Мадрид.
Францускиот напаѓач постигна два гола во победата на „кралскиот клуб“ од 3:2 над третолигашот Талавера во Купот, со што дополнително го зголеми својот учинок во календарската година.
Со овие два гола, Мбапе дојде до бројката од 58 гола во 2025 година, што е само гол помалку од израмнување на рекордот на Кристијано Роналдо од 2013 година. Португалецот постигна 59 гола во Реал Мадрид таа година.
Доколку Мбапе ја погоди мрежата во последниот натпревар од годината против Севилја, ќе го израмни рекордот, а со два или повеќе гола, ќе стане и апсолутен рекордер на клубот.
Брилијантниот Французин одлично се игра во тековната сезона 2025/26 – постигна 29 гола на 26 одиграни натпревари. Тој постигна 17 гола на 17 натпревари во Ла Лига, постигна девет гола на пет натпревари во Лигата на шампионите, додаде два во Кралскиот куп, додека постигна и еден гол на Светското клупско првенство во САД.
Foto/ depositphotos
Спорт
Шкендија против Лех или Самсунспор во плејофот
Македонскиот шампион Шкендија, успеа да избори пласман во нокаут фазата, во Конференциската лига. Во Ларнака, синоќа, Шкендија загуби од АЕК (1:0), но поради гол разликата, успеа да го освои 22-то место.
Шкендија стана првиот тим од Македонија што успеал да влезе во нокаут фазата на едно европско натпреварување. Во плејофот противник на Шкендија ќе биде Лех познањ (полска) или Самсунспор (Турција). Натпреварите се на програмата на 19 и 26 февруари наредната година. Познато е дека Шкендија ќе биде домаќин во првиот натпревар.

Историскиот пласман во нокаут фазата на клубот му донесе заработка од 6.000.000 евра. Пласманот во главната фаза и резултатите остварени во шесте натпревари на клубот му донесоа 5.800.000 евра, а дополнителни 200.000 евра клубот заработи со пласманот во плејофот.
Foto/ EPA

