Македонија
(Видео) Џафери – Шинас: Северна Македонија е конструктивен партнер на ЕУ во областа на миграциите и визната политика

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, се сретна со потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за промовирање европски начин на живот, Маргаритас Шинас.
На средбата се разговараше за повеќе актуелни прашања од значење за Северна Македонија и за ЕУ, со фокус на миграциите, соработката со Фронтекс и претстојните двојни избори.
Еврокомесарот Шинас изрази благодарност за конструктивната поддршка и соработка со Северна Македонија во полето на миграциите и усогласувањето со визната политика на ЕУ. Посочи дека на земјата во претстојниот период ѝ е потребен мирен и демократски изборен процес во кој ќе преовлада позитивна европска атмосфера.
Премиерот Џафери истакна дека јасната ЕУ перспектива останува главен двигател на промените во Регионот и нагласи дека Владата во претстојниот период ќе манифестира континуитет и конструктивност во исполнувањето на европската агенда.
Премиерот истакна дека соработката со Фронтекс и во 2023 година беше на многу високо ниво и еден од приоритетите беше операционализацијата на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Фронтекс.
Премиерот го запозна еврокомесарот Шинас со актуелностите на внатрешно-политички план и подготовката за организирање двојни избори. Притоа, потенцира дека прогресивните европски сили во државата се на потег да се обединат и да го направат новиот исчекор во евроинтеграциите, во името на перспективите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дури и нивниот градоначалник од Кавадарци ги демантираше лагите за Еразмус+

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини за проектите преку програмата „Еразмус+“, со цел да ја одбрани актуелната в.д. директорка и да ги прикрие криминалните шеми. Од партијата посочуваат дека дури и градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, јавно ја демантирал сопствената партија, објаснувајќи дека проектот за кој тие зборуваат не бил за „тренирање магариња“, туку за обука на ученици и наставници во земја членка на ЕУ, за стекнување вештини и поттикнување претприемачки капацитети, меѓу кои и производство на сирење.
СДСМ потсетува дека извештајот на ОЛАФ, доставен до Јавното обвинителство, утврдува основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски средства, во кои се инволвирани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и уште пет земји од ЕУ. Дополнително, спорни се и 8 милиони евра распределени во периодот 2014–2017 година, кога, како што велат, евалуаторки во Агенцијата биле Ана Михајлов и нејзината кумашинка.
„Клучното прашање е во чии џебови завршија милионите евра европски пари“, порачаа од СДСМ и побараа Јавното обвинителство итно да отвори истрага и сите одговорни да понесат одговорност.
Македонија
Манасиевски: Преку „Еразмус+“ доделени над 200 илјади евра на брат на пратеник од СДСМ за дресура на магариња и првење сирење

Валентин Манасиевски oд ВМРО-ДПМНЕ, денеска обвини дека преку Агенцијата „Еразмус +“ биле доделени грантови во вредност од 205 илјади евра на Горан Велковски, брат на тогашниот пратеник од СДСМ, Диме Велковски.
„83 илјади евра за дресура на магариња и 125 илјади евра за правење сирење, СДС преку Еразмус + доделија на братот на нивниот пратеник,“ изјави Манасиевски.
Тој посочи дека остануваат неодговорени повеќе прашања – кој ги одобрил проектите, дали лицата што одлучувале биле блиски до СДСМ и дали на повиците учествувале и други кандидати кои не биле одбрани поради тоа што не биле членови на партијата.
„Тоа што СДС го правеше во Агенцијата Еразмус + беше еден од примерите како тие ја водеа државата. Работа и проекти имаше само за нивни членови, криминалот и корупцијата цветаа, додека одговорност немаше,“ рече Манасиевски, додавајќи дека обвинителството треба да отвори истраги.
Македонија
Реконструиран локалниот пат Бујковци – Мршевци

Општина Илинден изврши комплетна реконструкција на локалниот пат што ги поврзува населените места Бујковци и Мршевци, во должина од 1.100 метри. Во рамки на проектните активности на терен се изврши целосно санирање на постоечката асфалтна површина со поставување на нов асфалтен слој, извести Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во градежните активности и нагласи дека после многу години конечно се реконструира овој локален пат, кој е од исклучителна важност за повеќе населени места од општината како и дека со ова значително се подобрува секојдневието на жителите и се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Дополнително, ќе се постави ново ЛЕД улично осветлување во должина од над 400 метри, како и целосна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација согласно сообраќајниот проект.
„Изградбата на овој локален пат е дел од проектите што ги финансира Владата, а средствата за реализација се 60% од Владата на Република Македонија и 40% од Буџетот на Општина Илинден.
Локалната самоуправа и понатаму останува посветена на реализација на инфраструктурни и развојни проекти, со цел создавање современи, квалитетни и безбедни услови за живот на сите граѓани“, велат од Општината.