Македонија
Матичните бараат да им се одврзат рацете за рано да откриваат ретки болести: имаме ограничен пристап до лабораториски анализи
Кампања за рано откривање на ретките болести во март ќе почнат Здружението „Живот со предизвици“ и Здружението на лекарите по општа и семејна медицина. Ќе тргнат од Скопје, но ќе ги посетат сите градови во земјата во кои има матични лекари и лекари по семејна медицина за да ги запознаат од блиску со проблемите, симптомите и потребите на лицата со ретки болести за да може рано да ги препознаат новите пациенти. Весна Алексовска, претседателка на Здружението „Живот со предизвици“ која и самата е пациентка со ретка болест, објасни дека одлучиле годинава фокус да стават на рано откривање оти со години од некои болести не се регистрираат нови пациенти иако тие се генетски.
„Оваа година решивме да се фокусираме на рана дијагноза поттикнати од самиот момент дека, конечно, имаме неонатален скрининг за сите новородени на фенилкетонурија, претходно беше само на некои од нив. Многу ми е мило што сега се прави, конечно, на сите. Сакаме да работиме на многу други ретки болести за да се откриваат пациенти затоа што забележавме дека години наназад нема нови пациенти од некои ретки болести. Тоа за нас е чудно зашто знаеме дека се генетски и дека семејно се пренесуваат и сфативме дека можеби е добра идеја повеќе да соработуваме со лекарите по општа и семејна медицина, со матичните, со примарното здравство. Тука го гледаме столбот. Ќе патуваме во целата држава, ќе делиме летоци, ќе разговараме со лекарите. Нема да држиме предавања со 100 луѓе, индивидуално ќе посветиме внимание“, рече претседателката на Здружението, Алексовска.
Таа денес во име на Здружението „Живот со предизвици“ потпиша меморандум за соработка со Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекарите по општа и семејна медицина. Ѓорѓиевски вели дека го прифатиле предизвикот оти матичните лекари се првите што го имаат контактот со пациентите со симптоми на каква било болест.
„Потребни сме им на тие пациенти бидејќи, како што слушнавме од претседателката на Здружението, ретките болести се откриваат во многу доцна фаза, кога веќе лековите не може да влијаат. Со здружени сили ќе се обидеме преку контакти со матичните лекари и активистите од ‘Живот со предизвици’ да се запознаат лекарите поблиску со болеста, но и да најдеме заеднички заклучоци, да настапиме пред соодветните власти и пред Министерството за здравство дека на матичните лекари треба, конечно, да им се одврзат рацете и да добијат поголем број ингеренции за да може да ги водат и рано да ги откриваат пациентите со ретки болести, да го прават скринингот. Ние сме ограничени со лабораториски анализи, кои можеме да ги изведуваме, а имаме компетенции да направиме повеќе, пред сѐ, во интерес на граѓаните со ретки болести“, рече Ѓорѓиевски.
Акцијата е превидено да почне во март во Скопје. Ќе се одвива по општини. Здружението на лекарите по општа и семејна медицина ќе ги повикува лекарите по договорени термини да се сретнат со претставници од „Живот со предизвици“ да поразговараат за нивните симптоми и за болеста за да се добие заклучок за тоа како може да си помогнат едни на други за да може да издејствуваат да влијаеме за рана дијагноза и третман на ретките заболувања. По Скопје, карванот ќе тргне во другите градови во Македонија.
„Ќе дадеме информации како се регистрираат пациентите со ретки болести, кај кој доктор треба да бидат примени за да се открие одредена болест, како се реферира за да добијат генетска анализа, како работи програмата за ретки болести. Информациите се изработени во соработка со Министерството за здравство и со Комисијата за ретки болести оти многумина прашуваат кој е начинот за да се регистрира пациент со ретка болест“, рече Алексовска.
Здружениот „Живото со предизвици“ повторно апелира навреме да се обезбедува терапија за сите ретки болести и ако треба, тендерите да се распишуваат предвреме поради сложените и долги административни процедури и да не се дозволува пациентите да останат без терапија. Претседателката Алексовска вели дека за подостапни лекови за лицата со ретки болести битна е децентрализацијата во здравството.
„Знаеме дека раната дијагноза е важна, но ако немаме ран пристап до терапија, тогаш раната дијагноза ќе ни значи, на некој начин измачување или поголем стрес. Ја имам болеста, го има лекот, јас треба да најдам начин да го добијам. Институциите тешко го прифаќаат моментот на децентрализација. Знам дека лековите се скапи, дистрибуцијата не е едноставна, но не само за ретките туку и за честите болести многу пациенти од нашата држава мора да патуваат до Скопје. Тоа создава метеж на клиниките, троши капацитет на клиниките, создава метеж и во градот, луѓето мора да допатуваат за да земат терапија и да направат контролни тестови. Мислам дека е можно решение како што е најдено за дијабетесот, да се изнајде и за ретките и хронични болести да може да се третираат и надвор од Скопје, па и да прават одредени контролни тестови“, вели Алексовска.
Таа е задоволна што, конечно, заврши годишниот тендер за набавка на лекови за ретки болести. Нагласи дека се набавени нови лекови за ретки болести, но укажа дека државата треба да ги смени правилата за да може да ги увезе најновите лекови за кои сега важи правилото: првин да помине една-две години од нивната употреба во други земји, па потоа да ги увеземе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: Лицемерието на Левица излегува на виделина, Апасиев ја користи Анкетната комисија за политички поени
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека пратеничката група на Левица ја закажала собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот, на која што посочи дека присуството на поголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство е неопходно за усвојување на дневниот ред, но и за понатамошно гласање на Буџетот.
„Вториот апел би сакал да го упатам исто така до сите пратенички групи, а особено до пратеничката група којашто и ја управува таа комисија, ние сакаме да учествуваме на Комисијата која е закажана на 9 декември, но во истиот тој ден е закажана и Седница на буџетот на која што најголем дел од пратениците од мнозинството треба да бидат присурни, за да гласаат и дневен ред, но потоа и практично не може да се предвиди дали ќе треба тој Буџет да се гласа одма или заради говорниците понатаму и сметаме дека е коректно сите заедно да се договориме за датум на којшто ќе можеме да бидеме присутни сите, на којшто ќе можат да бидат присутни сите коишто се повикани, на кој што ќе можат да бидат присутни и премиерот на Владата на Република Македонија и на тој начин да им ги дадеме одговорите и на родителите и на оние подносители на таа иницијатива“, рече Стојаноски.
Порача дека е неопходно заедничко усогласување на датумот, за да се обезбеди целосно присуство и продуктивност на Комисијата.
„Така да практично сметам дека и за ова треба да најдеме еден заеднички јазик со којшто ќе успееме таа комисија да ја одржиме и да бидат присутни сите оние коишто се поканети од тој којшто ја има закажано и од оние коишто ја имаат поднесено иницијативата“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Поставени дигитални уреди за мерење бучава кај кафеаните во Дебар Маало
Општина Центар започна со имплементација на паметен систем за следење на бучавата, преку поставување на дигитални индикативни уреди на местата со најмногу поплаки од граѓаните – околу угостителски објекти, високо фреквентни улици и јавни простори. Новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.

„Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. На терен веќе е започнато поставување на мерните единици на 30 локации низ Општина Центар. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
До овој момент поставени се 19 уреди на повеќе точки во Дебар Маало, на улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2.
До крајот на годината ќе бидат поставени дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, потоа на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на локацијата Кале.
„Со ова ќе се прошири мрежата и ќе се покријат уште повеќе критични зони погодени од прекумерна бучава. Ова е само почетна фаза на големиот проект кој ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите. Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и реално следење на состојбата, со крајна цел намалување на бучавата и подобрување на квалитетот на живеење“, вели Герасимовски.
Македонија
Стојаноски со апел до пратениците да ја поддржат анкетната комисија за сите трагедии во Македонија
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски се обрати на денешната собраниска седница, при што упати апел до сите пратенички групи да го поддржат одржувањето на Анкетната комисија предложена од над 75 пратеници и која се однесува на големите трагедии кои се случија во Република Македонија.
Стојаноски посочи дека пратениците и Собранието како орган има должност и обврска да ги даде одговорите на сите трагедии и за кои граѓаните сè уште имаат неодговорени прашања и дилеми дека не сите виновници се изведени пред лицето на правдата.
„Сакам да ги повикам сите пратенички групи да ја поддржат иницијативата од над 75 пратеници за одржување на Анкетна комисија за сите трагедии коишто се случија во Република Македонија. Сметам дека тоа е особено важно, бидејќи Собранието како орган има должност и обврска према граѓаните да ги даде одговорите на сите трагедии кои се случија, особено заради тоа што најголем дел од населението и практично, сè уште бара одговори и смета дека тие одговори кои се дадени на некои претходно случени трагедии не ги опфаќаат сите виновници кои треба да бидат најдени пред лицето на правдата“, рече Стојаноски.
Стојаноски, исто така, повика на внимателност, со оглед на фактот дека за една од трагедиите се води судски процес.
„Сметам дека треба да бидеме особено внимателни, бидејќи за една од тие трагедии се води судски процес и тоа, практично, ќе значи ние како орган, како пратеници треба да внимаваме и на нашиот дигнитет и соодветно на тоа да ги опфатиме сите оние трагедии кои се случија, за да можеме да им дадеме на граѓаните тоа што го бараат. А тоа е правда и конечно одговор на прашањето, кој е виновен затоа што тоа репетитивно се случува во нашата држава“, порача пратеникот Стојаноски.

