Македонија
Грковска за улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура: Младоста има голема трансформативна моќ

Во организација на заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Клубот на пратеници се одржа трибина на тема „Улогата на младите во зајакнувањето на демократската култура“, на која учествуваа претставници на партиски подмладоци и на младински граѓански организации, со цел да се придонесе во градењето култура на дијалог и демократска атмосфера во пресрет на изборите.
Истакнувајќи дека со самото прифаќање на поканата за учество на овој настан, младите покажуваат демократска зрелост, вицепремиерката Грковска во своето воведно обраќање истакна дека ваквите дискусии се клучни за да одиме напред како заедница, без оглед на прашањата околу кои не се согласуваме.
„Важно е сите да станеме посвесни дека младоста и енергијата што ја носите има голема трансформативна моќ, која треба да се насочи кон вградување на вистинските вредности во општеството. Денешниот настан не е натпревар за политички поени, туку е замислен како заеднички напор кој цели кон заеднички напредок“, изјави Грковска.
Присутните се согласија дека за клучните прашања во општеството треба да се гради широк консензус, вклучително и за имплементацијата на Законот за млади, и во таа насока го критикуваа отуството на претставници од дел од подмладоците на партиите во земјава на денешната трибина, но изразија надеж дека ова ќе ги инспирира и мотивира за да се приклучат на идни активности од заеднички интерес.
Дел од заклучоците на денешната трибина се:
„Потребно е да се зголеми младинското учество на сите нивоа. Младите да не се ограничуваат само на прашања поврзани со нивната возрасна група, туку во сите општествени процеси. Волонтерството да се поттикнува уште на почетокот на образовниот процес.
За целосно спроведување на Законот за млади, треба да се вклучат сите субјекти на централно и локално ниво. Потребно е да се реализира стратешката определба за посебно министерство за млади, со оглед на тоа што работата на Агенцијата за спорт и млади во најголем дел е посветена на спортот. Исто така, потребно е да се подобри учеството на партиите во Националниот младински совет, со оглед дека моментално само четири партии партиципираат во неговата работа.
Образованието е еден од клучните предизвици на нашето општество и потребен е консензус за концепциски промени и одржливи решенија со кои ќе се надминат проблемите и слабите резултати. Особено е важно да јакнат алатките за мониторинг, со кои се мери успешноста во спроведувањето на политиките.
Неопходно е во јавноста да се истакнуваат позитивни модели за идентификација и да се издвојуваат примери на дејствување со личен и професионален интегритет.
Младите треба да имаат корективна улога и да ја негуваат својата критичност, но и самокритичноста и индивидуалната одговорност.
Младите политичари и активисти треба да се спротивстават на длабоката поларизација во општеството и да негуваат поголема взаемна почит, пријателство и солидарност“.
На денешната трибина учествуваа Дино Блажевски од Унија на млади сили на ВМРО-НП, Марко Михаилоски од СДММ, Висар Пилоши од ДПА, Богоја Петровски од Младите на Демократски сојуз, Александар Пандиловски од Младинска организација на ДОМ, Мила Петрушевска од ЗНАМ, Мелани Атанасовска од НСДМ, Горјан Чурлинов од Форумот на млади на партијата на Власите од Македонија, Александар Николовски од Соjуз на студенти – УКИМ, Берин Мухамед од Сојуз на средношколци, Мартина Јачевска од Сојуз за младинска работа и Филип Ивковски од Националниот младински совет на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Паднаа во вода тврдењата на ДУИ за наводен атентан врз Зеќирија Шаини

Коалицијата ВЛЕН реагира за случајот во кој беше повреден активистот и носител на листата на НАИ во Липково, Зеќирија Шаини.
Од таму велат дека особено загрижува фактот што политичките опоненти, предводени од ДУИ, се обидоа да ѝ дадат политичка димензија на оваа трагедија, грубо манипулирајќи со семеен конфликт во сред изборна кампања.
„Но случајот се покажа како семеен проблем и нема никаква врска со политиката. ДУИ доживеа тежок пораз, бидејќи не ѝ успеа обидот да ја искористи ситуацијата за сопствена политичка корист. Тие беа демантирани и од самиот нивен активист, Зеќирија Шаини, кој јавно изјави дека нема политичко непријателство со никого, со што паднаа во вода сите тврдења за наводен „политички атентат“.ДУИ сакаше да се претстави како херој во туѓи сметки – но тоа не помина. Наместо да придонесе за смирување на ситуацијата, партијата повторно приредува политички театар, обидувајќи се, како и секогаш, да создаде перцепција дека „некој работи против нив“. Помогната од неколку платени новинари, кои дење и ноќе шират лаги против власта, ДУИ ги злоупотребува дури и проблемите на сопствените партиски членови. Ова е стар модел на јавна манипулација и политичка виктимизација, кој има цел да го прикрие падот на довербата и губењето на електоратот“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)