Скопје
Арсовска изврши увид во градежните работи на проектот за изведба на водоводна мрежа во Чучер Сандево
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, со екипи од скопските јавни претпријатија денес изврши увид во градежните работи на проектот за изведба на водоводна мрежа на потегот од 1. километар на улицата Бел камен во Чучер Сандево, проект што се реализира со меѓуопштинска соработка.
Со реализацијата на овој проект, како што соопшти нејзиниот кабинет, се решава горлив проблем на жителите на општина Чучер Сандево, чии потреби повеќе од 30 години беа заборавени, а барањата игнорирани. Поради старата и дотраена водоводна мрежа во овој дел, жителите се соочуваат со чести дефекти, а со поставувањето на оваа нова мрежа се врши и преповрзување на постојните објекти, односно на 110 приклучоци, со што обезбедуваме поквалитетен живот на нашите сограѓани.
Градежните активности на терен опфатија реконструкции на 10 улици, краци на улицата Бел камен, кои припаѓаат на територијата на општина Чучер Сандево, од кои 8 се веќе завршени, а со оваа инвестиција се обезбедува напуштање на досегашната водоводна мрежа, која е несоодветна и со незадоволителен профил.
„Град Скопје континуирано работи на подобрување на водоснабдувањето во согласност со ветените проекти од програмата ‘За модерно Скопје’, каде што решавањето на овие предизвици е еден од приоритетите“, се додава во дописот од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

