Македонија
Матичните лекари в понеделник од 12 до 16 часот нема да работат: секој од нас можеше да биде на местото на убиениот колега
В понеделник, од 12 до 16 часот, матичните лекари ќе престанат да даваат секакви услуги за да искажат колку се незаштитени како лекари по синоќешното убиство на колегата на паркингот пред Поликлиниката „Железара“. Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватните матични лекари, вели дека имало предлози прекинот на работата да биде подолг, но се одлучиле за четиричасовен за да не биде на штета на пациентите.
„Ова не смееме да го премолчиме. Секој од нас можеше да биде на местото на убиениот колега. Колегите се едногласни во ставот дека мора да реагираме. Имаше предлози прекинот да биде и шест часа, но се догворивме да бидат четири и одлуката е веќе донесена. В понеделник, во периодот од 12 до 14 часот, матичните лекари нема да даваат ниедна услуга. Мора да кажеме колку сме незаштитени како лекари во примарно здравство. Немаме ниту, пак, со капитацијата можеме да си платиме обезбедување, а работиме со секакви пациенти“, вели претседателката Чолакова-Дервишова за „Макфакс“.
Со прекинот на работата сакаат да издејствуваат донесување на законот за докторска дејност, кој предвидува поголема заштита на лекарите.
„Законот е подготвен и фаќа прашина во некоја фиока. За него зборувавме уште кога беше министер Никола Тодоров. Многумина се сменија од тогаш, а законот не е донесен. Под итно треба да се донесе“, рече претседателката Чолакова-Дервишова.
Таа апелира МВР што побргу да го расчисти случајот оти и тие како лекари се чувствуваат загрозени по убиството на колегата.
МВР утрово соопшти дека доцна синоќа на паркингот пред Поликлиниката „Железара“ со убодни рани од нож бил пронајден 67-годишен лекар. Го пронашле синовите, кои излегле да го бараат оти не се вратил од работа. Убиениот бил матичен лекар, концесионер со ординација во Поликлиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

