Топ
Запален автомобилот на директорот на затворот ,,Идризово”

Ноќеска, по полноќ, бил запален службениот автомобил ,,пасат” на Зоран Јовановски, директорот на затворот ,,Идризово”.
„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј., се наведува во информацијата од Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра, Пандов рече дека пробацијата не се користи доволно

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјави дека државата месечно троши околу 1.000 евра за еден осуденик, нагласувајќи дека пробацијата во Македонија не се користи доволно, иако постои веќе шест години.
На работниот состанок „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржува во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, беше посочено дека над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе.
„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Голем дел од осудените лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, со препорака од секторот за ресоцијализација и директорите на затворите“, рече Пандов.
Тој посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се применуваат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Во моментов има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека целта на казнувањето не е само санкцијата, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите. „Условниот отпуст игра важна улога во таа насока“, рече Камбовски.
Македонија
Ѓорѓиевски и Мециновиќ ќе се соочат на дебата

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја прифати поканата за телевизиска дебата со својот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица, која до него ја доставила Канал 5 телевизија.
„Граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на Скопје“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека транспарентноста и почитта кон граѓаните се темели на вистинска демократија.
Тој додаде дека ова е прва телевизија со национална концесија што упатила официјална покана за дебата.
Партијата Левица по влезот во вториот круг на локалните избори го повика Ѓоргиевски да се соочи со Мециновиќ на телевизиска дебата.
Вториот круг од локалните избори за градоначалник на Скопје ќе се одржи на 2 ноември.
Македонија
Министерството за здравство: Немаме долг кон „Комунална хигиена“

Министерството за здравство соопшти дека, како правен субјект, нема никаква обврска или долг кон ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, демантирајќи ги тврдењата за наводен неплатен долг од 5 милиони евра.
„Тврдењата се неточни и имаат цел да му наштетат на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски“, се наведува во реакцијата.
Од Министерството апелираат до јавноста и медиумите да ги проверуваат информациите, особено кога станува збор за тврдења што можат да создадат забуна или недоверба во институциите.
Во соопштението се додава дека Министерството за здравство продолжува да работи согласно законските обврски и со принцип на транспарентност во сите активности.
Претходно денес, градоначалничката Данела Арсовска изјави дека Министерство за здравство му должи милиони Јавното претпријатие Комунална хигиена.