Топ
Загина кумановец, возилото во кое се превезувал излетало од патот

Вчера околу 15.00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, атар на с.Агино Село, кумановско, патничко возило „субару импреза“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од И.А.(64) од Куманово, излетало од коловозот.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал сопатникот Б.Н. од Куманово.
Лекар од Итна медицинска помош Куманово констатирал смрт.
Возачот И.А. и сопатничката Д.Н. се здобиле со телесни повреди, констатирани во Општа болница Куманово.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Агелер по повод 30 години дипломатски односи: Македонија и САД покажаа што значи вистинско пријателство

Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи (13 септември 1995) меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави. Во чест на три деценискиот јубилеј се спроведуваат и планираат низа активности во двете држави, а централниот настан се одржа вчера во Клубот на пратениците во Скопје.
На настанот се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Министерот Муцунски во своето обраќање истакна дека одбележуваме три децении партнерство кое помогна македонскиот народ да стане посилен, послободен и поуспешен: „Од првите денови на независноста, македонскиот народ чувствуваше дека Соединетите Американски Држави стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име – чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни. Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставувањето на Стратешкиот дијалог – механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието.“
Министерот потсети и на соработката во делот на одбраната и придонесот кон стабилноста и безбедноста:
„Денес сме и НАТО-сојузници. Заедничките цели и добрата координација потврдени на Самитот во Хаг, како и лидерството на претседателот Трамп, направија Алијансата да излезе уште посилна и пообединета. Македонскиот народ ќе продолжи да придонесува кон оваа заедница на слобода и безбедност. Горди сме на извонредната соработка на нашата Армија со Националната гарда на Вермонт, како и на учеството во меѓународни мисии и во Глобалната коалиција против тероризмот. Тоа е нашиот придонес кон светот – стабилност, партнерство и сигурност,“ додаде тој.
„Во време на глобални кризи – безбедносни, економски и општествени – пријателството со Соединетите Американски Држави е темел на стабилност и надеж,“ порача Муцунски, изразувајќи уверување дека и следните три децении ќе бидат години на доверба, надеж и напредок за македонскиот и американскиот народ.
Амбасадорката Агелер, од своја страна, потсети дека пред три децении Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности: „Од тогаш, заедно му покажавме на светот што може да се постигне со силина, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледа вистинско пријателство и партнерство.“
Таа изрази уверување дека и во следните 30 години двете држави ќе продолжат да работат заедно во насока на продлабочување на ова вредно партнерство: „Ќе ги прошириме трговските врски, ќе се бориме против корупцијата, ќе ја модернизираме соработката во одбраната, ќе ја поттикнеме дигиталната трансформација и ќе продолжиме со изградбата на енергетската инфраструктура која обезбедува независност и раст.“
На свеченоста присуствуваа претседателката Гордана Силјановска – Давкова, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Владата, претставници на дипломатскиот кор и истакнати општествени личности од различни сфери кои дале значаен придонес во развојот на партнерството и соработката меѓу двете држави во изминатите 30 години.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го прозва Коцевски: Не молчете за незаконското следење на Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство и обвинителот Љупчо Коцевски веднаш да реагираат и да спроведат темелна и транспарентна истрага за, како што велат, незаконското следење на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени и други функционери.
„ЈО и Коцевски повеќе да не молчат, туку да откријат кој ги злоупотребил АНБ и АР за политички пресметки и кој наредил да се следи претседателот Мицкоски,“ се наведува во соопштението.
Од партијата обвинуваат дека последните пет години службите биле под партиска контрола на СДСМ и ДУИ и дека институциите биле злоупотребувани за теснопартиски интереси. „СДС и ДУИ со тоа нанеле директен удар врз демократијата и правната држава,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, молкот на ЈО и на Коцевски претставува „соучество и организирано прикривање“ на незаконското следење.
Македонија
Шабан Салиу – кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари официјално е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

На свечена церемонија во Скопје, претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу го стави својот потпис на документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“. Со овој чин, ДСР и официјално станува дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Коалицијата обединува 25 партии кои ја рефлектираат мултикултурната и мултиетничка структура на нашето општество. ДСР влегуваат во ова здружување со силна заложба да го засилат политичкиот глас на ромската заедница и да обезбедат рамноправен пристап до јавните ресурси во сите општини, а особено во Шуто Оризари – единствената ромска општина во светот’, велат од партијата.
За нив, како што додаваат, ова е историска можност: речиси сите општини каде живеат Роми ќе добијат директен партнер и во локалната и во централната власт и јасен пат кон одржлив развој.
„Само преку солидарност и обединување ќе ги реализираме проектите што ќе донесат подобра инфраструктура, нови училишта, унапредени здравствени услуги и работни места за нашите семејства“. изјави Салиу.
Со потпишувањето на Декларацијата, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува на инвестиции во клучни сектори: обновување на улици и водоводна мрежа, изградба на социјални станови, поддршка за локалните претприемачи и зелени технологии.
Во претстојните недели, Демократските сили на Ромите ќе организираат јавни трибини низ Шуто Оризари и другите општини, каде што, како што најавија, ќе презентираат конкретни планови и ќе ги слушнат приоритетите на локалните заедници. Салиу ги повикува и сите жители на општината без разлика на партиската припадност да се приклучат во заедничкото дефинирање на проектите што ќе ги менуваат животните услови во нашите населби.
ДСР и коалицијата „Твоја Македонија“ даваат взаемна поддршка за кандидатите за градоначалници, вклучувајќи го и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.