Региони
Градот Скопје со мерки за намалување на загадувањето на воздухот
Градот Скопје од недела на крстосницата на булеварот Свети Климент Охридски со улицата Свети Кирил и Методиј (пред зградата на поранешната НИП „Нова Македонија“) ќе почне со третирање на градските улици со средството Калциум Магнезиум Ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
Увид во процесот на аплицирање на ова средство ќе изврши градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Градот Скопје ги известува граѓаните дека со овој процес ќе бидат опфатени булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков.
Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата.
Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период.
При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето.
Важно е да се нагласи дека брзината на улиците каде што ќе се аплицира средството Калциум Магнезиум Ацетат ќе биде ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Градот Скопје за оваа намена има подготвено сообраќаен проект.
Изборот на трите сообраќајници (булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков) е од причина што во непосредна близина се наоѓа мерната станица за квалитет на амбиентниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, и најлесно ќе може да се споредат резултатите пред и по третирање со КМА.
Искуствата од европските градови каде што се користи ова средство укажуваат дека со негово аплицирање потенцијалот за намалување на прашината е од 10 до 30 проценти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.