Македонија
Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9.900 места за студенти во прва година
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје почнува со запишување студенти на прв циклус студии на студиските програми во академската 2024/2025 година, со што добиваат можност да се запишат вкупно 9.921 студент, односно 4.761 редовен студент во државна квота, 4.210 редовни студенти со кофинансирање и 950 вонредни студенти.
Имено, на Универзитетот имаат можност да се запишат и повеќе од 1.000 странски државјани на повеќе од 180 студиски програми.
Документите за пријавување, во согласност со конкурсот за запишување, во првиот уписен рок се поднесуваат денеска и утре, на 29.8.2024 и на 30.8.2024 година, на 17.9.2024 и 18.9.2024 во вториот уписен рок и на 27.9.2024 година во третиот уписен рок.
Секој заинтересиран кандидат пред роковите за пријавување има можност да се регистрира на www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од системот iKnow.
Како и во претходните години, така и оваа година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за своите студенти обезбедува повеќе видови стипендии.
„И годинава се доделуваат 240 стипендии, наменети за студентите што се запишани во прва година на прв циклус студии на факултетите на УКИМ во Скопје. Овие стипендии се распоредени по 10 за секој факултет“, информираа од Универзитетот.
Од таму наведоа дека оваа учебна година е петта по ред во која во единиците на УКИМ стипендираат најмалку по еден студент од секоја студиска програма и од секоја студиска година за кој родителското право го врши само еден родител.
„На тој начин УКИМ овозможува најмалку 720 студенти за кои родителското право го врши само еден родител да платат половина од износот на уписнината за прв циклус студии“, истакнаа од Универзитетот.
Дополнително, како што посочија, студентите имаат можност да добијат над 40 стипендии од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ од САД, како и над 10 стипендии од Фондацијата „Константин Стојанов“.
Од Универзитетот ги повикаа сите заинтересирани идни студенти да се приклучат на факултетите што ги нуди и да се стекнат со врвно образование, што ќе им овозможи да го изградат сопствениот кариерен пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

