Топ
Пуштиле осуденик на слобода оти немало место во затворот, кривична против тројца полицајци од Битола

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава за кривично дело „неизвршување на судска одлука“ по член 377 од КЗ против Т.Л., И.Д. и Р.Т., полициски службеници од ПС ОН Битола во СВР Битола, извести МВР.
На 02/03.06.2024 прво и второ пријавениот не постапиле по писмена наредба на Основен суд Кичево за спроведување на осудено лице во казнено поправна установа заради извршување на санкција утврдена со правосилна пресуда, заради издржување на казна затвор во времетраење од една година. Имено, откако претходно бил пронајден и лишен од слобода, осудениот А.А. од Кичево, од страна на прво и второ пријавениот бил спроведен до КПУ Затвор Битола, а откако од страна на вработен во затворот осудениот наводно не бил примен поради немање на слободни места во затворската установа, прво и второ пријавениот, без да изготват било каква службена документација, го пуштиле осуденото лице на слобода без одобрение на судот, кој ја издал писмената наредба. Наведеното го извршиле со претходно одобрение на третопријавениот во својство на одговорен, кој не издал наредба осуденото лице да биде доведено и задржано во ПС ОН Битола заради понатамошна постапка спротивно на член 15 од Правилникот за вршење на полициските работи во МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полициските службеници Т.Л., И.Д., и Р.Т. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Депонијата во Струга е една од најопасните, ако не се преземат мерки, ќе биде црна точка по бројот на заболени од канцер, велат од „Вреди“

Според „Вреди“, дивата депонија во Струга, отворена во 2006 година како „привремено решение“, денес е претворена во една од најопасните депонии во Македонија.
Појаснуваат дека истата се наоѓа на само 500 метри од првите куќи на градот, исто толку оддалечена од реката Црн Дрим и помалку од 2 километри од Охридското Езеро – подрачје прогласено за светско наследство на УНЕСКО.
Секоја година, додаваат од оваа партија, таму се фрлаат повеќе од 40 илјади тони отпад, без стандарди и без контрола на видот на отпадот.
„Нивното горење ослободува чад, токсични гасови и тешки метали кои ја загадуваат почвата, воздухот и водите. Ова загадување не е невидливо – тоа секојдневно го чувствуваат граѓаните кои често не можат ни прозор да отворат навечер.
Според Институтот за јавно здравје, само во 2020 година во Струга се регистрирани 140 нови случаи на канцер – 83 жени и 57 мажи. Една година порано, на ниво на општина се евидентирани 701 нови малигни случаи. Овие бројки говорат за алармантна состојба.
Доколку депонијата продолжи да функционира на истиот начин, во наредните 5 години се очекува прогресивно зголемување на хроничните и малигните заболувања. Меѓународните студии покажуваат дека заедниците кои живеат во близина на вакви депонии имаат:
• 20–30% повеќе случаи на рак на бели дробови и дојка;
• значително зголемување на респираторните заболувања кај децата;
• раст на неплодност, спонтани абортуси и проблеми во развојот кај новороденчињата;
• и зголемена вкупна смртност за 10–15%“.
Ако не се преземат мерки, Струга, истакнуваат од „Вреди“ ризикува во следните пет години да регистрира стотици нови случаи на канцер секоја година и да се претвори во црна здравствена точка во регионот.
Оваа состојба, како што оценуваат, повеќе не е само локален или естетски проблем. Таа, според „Вреди“ претставува сериозна закана за животот, за јавното здравје, за туризмот и за самото светско наследство кое со гордост го штитиме.
„Овој отров не е само последица на негрижа – тој е последица на погрешни и намерни политички одлуки. Депонијата е поставена и продолжува да постои под локалната власт на Општина Струга и со поддршка на власта на ДУИ, со градоначалникот Рамиз Мерко. Повеќе од 18 години овој проблем се покрива со молк, жртвувајќи го здравјето на граѓаните за тесни политички и финансиски интереси.
Ние итно бараме:
• затворање и санација на депонијата,
• создавање на стандарден систем за управување со отпад,
• и заштита на граѓаните на Струга од овој секојдневен отров.
Во спротивно, молкот на институциите денес значи болест, а утре смрт“.
Македонија
За 29.539 се зголемил бројот на избирачи што се на привремена работа или престој во странство во споредба со изборите во 2021 година, заклучен Избирачкиот список

Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список за претстојните локални избори. Право на глас имаат вкупно 1.832.415 избирачи. Има 7.551 избирач повеќе отколку на изборите во 2021 година кога во Избирачкиот список беа запишани вкупно 1.740.147 избирачи.
„Вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија за локалните избори 2025 година изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи, во изводите од Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата што во согласност со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани вкупно 112.000 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани вкупно 2.162 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, а кои поднеле пријава за гласање, значи по принцип на активна регистрација во установата во која се згрижени, се запишани вкупно 450 избирачи. Ова е за домовите за стари лица“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.
Државната комисија едногласно донесе одлука за заклучување на Избирачкиот список за локалните избори 2025 година.
Според податоците што ги презентира претседателот Кондарко, во сегашниот Избирачки список, покрај тоа што се бележи раст на бројот на запишани избирачи на привремена работа или престој во странство, зголемени се и бројките на избирачи во казнено-поправните установи и во домовите за стари лица.
Во казнено-поправните домови оваа година има 263 лица повеќе во споредба со изборите од 2021 година, а во домовите за стари лица бројката на избирачи е поголема за 99 избирачи.
Македонија
По убиството на Росица, дисциплински постапки за 11 полициски службеници; МВР утврдило дека по дел од пријавите на жртвата не било постапено

Министерството за внатрешни работи известува дека по насока на министерот Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детаљни проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи Велес по сите настани што биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева.
Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила во согласност со законските процедури за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврдила дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно во согласност со законските обврски и процедурите.
Врз основа на извршените проверки, како што појаснуваат, поднесен е предлог за поведување дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамките на нивната надлежност.
„Министерството за внатрешни работи останува посветено на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност и во тој контекст ќе продолжи со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните“.