Топ
(Видео) Уапсени 13 лица за проституција и дрога во Тетовско и Охрид, едно лице е во бегство
Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР заедно со истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, а под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведоа координирана акција во рамките на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од земјата. Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице е недостапно на органите на прогонот. Извршени се претреси на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид, соопшти МВР.
При претресите пронајдени и одземени се патнички возила, поголема количина на пари и злато, ресивери, нож, гасен пиштол, 3 лаптопи, радио врски, книги за евидентирање на гости и сметководствена документација. Во угостителските објекти пронајдени се 35 девојки по потекло од Украина, Русија, Р.С. Македонија, Србија, Молдавија , Албанија и Колумбија.
Групата одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело. Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с. Жеровјане, с. Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови.
Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата. Двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките. Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стриптиз клубовите, ги наоѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели во нашата земја со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи. За превоз на девојките од аеродром и автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови бил задолжен дванаесеттиот осомничен. Дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки. Со повеќемесечни координирани дејствија на истражителите од Истражниот центар на ОЈОГОКК и припадниците на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР активностите и задолженијата на секој член во ова злосторничко здружување се детално документирани и утврдени, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.

