Економија
Првата класа тутун ќе се откупува за 500 денари, најави министерот Трипуновски
По серија состаноци со тутунските здруженија и откупувачите, постигнато е покачување на цената за првата класа тутун, која сега ќе се откупува за 400 денари. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, ова покачување од 375 на 400 денари е задоволувачки за тутунарите.
Во својата изјава за медиуми на денешниот настан „Пчеларски ден-знаење и дружење 2024“, министерот нагласи дека дополнително се покачила и субвенцијата за првата класа тутун, која од 80 денари е зголемена на 100 денари.
„Со ова, заедно со покачаната цена, дојдовме до сума од 500 денари за првата класа, што е прифатено со широко задоволство од страна на тутунарите“, истакна Трипуновски, додавајќи дека оваа мерка има големо значење не само од економски, туку и од социјален аспект.
Министерот нагласи дека ова решение беше поздравено и од Сојузот на тутунарите, кој ја поздравил сериозноста на Владата во справувањето со важноста на оваа гранка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Димитриеска-Кочоска открива како ќе се зголемат платите и ќе се подигне стандардот на граѓаните!
Во последниот подкаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, министерката за финансии и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги претстави плановите на Владата за зголемување на платите, унапредување на економската ситуација и поддршка на младите.
Министерката истакна дека во новиот буџет се предвидени значајни зголемувања на платите, особено во секторите образование и здравство, како и покачувања во согласност со веќе потпишаните колективни договори. Димитриеска-Кочоска нагласи дека Владата работи на коригирање на неправдите кои биле направени во изминатите години во делот на платите.
„Ние сега што правиме? Во овој момент се трудиме да ги избалансираме работите коишто беа комплетно уништени од претходната влада. Тоа значи дека има институции во рамки на коишто има многу високи плати и на иста позиција било да е економист, правник, независно, во други институции идентичните позиции со многу пониски плати. Тоа го направи претходната влада, а ние се трудиме на некој начин да го избалансираме“, вели Димитриеска-Кочоска.
Што се однесува до младите, министерката потврди дека се работи на мерки кои ќе им помогнат да го подобрат својот стандард, вклучувајќи ваучери за студенти и финансиска поддршка за млади претприемачи. Таа нагласи дека мерките ќе бидат дополнително зајакнати преку Агенцијата за вработување, која располага со значителни средства за реализација на проекти насочени кон младите.
„Она што е многу важно е тоа што можеме оваа мерка дополнително да ја зајакнеме благодарение на Агенцијата за вработување. Во Агенцијата за вработување има една сопствена сметка на којашто има солиден износ на финансиски средства, преку која можеме навистина да реализираме позначајни проекти за младите и во периодот којшто следи, јас планирам да поразговарам подетално со министерот за економија во насока на тоа да дадеме уште поголеми можности на младите и да им обезбедиме што е можно подобри услови за живот тука“, додаде Димитриеска-Кочоска.
Свет
Ердоган ветува поддршка за сирискиот народ по падот на Асад
По пауза од 12 години, Турција повторно ја отвори својата амбасада во сирискиот главен град Дамаск. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе го поддржи сирискиот народ во процесот на обновување и закрепнување, оценувајќи дека Турција ќе продолжи да биде клучен фактор за стабилност во регионот.
На провинцискиот конгрес на Партијата на правдата и развојот, Ердоган истакна дека сирискиот народ извојувал значајна победа со соборувањето на режимот на Башар ал Асад. Потсети и дека Турција пред 13 години ги отворила своите граници за милиони бегалци од Сирија, обезбедувајќи засолниште за околу четири милиони луѓе кои побегнале од конфликтот.
„Турција останува како остров на стабилност среде хаосот и превирањата во регионот“, рече Ердоган, истакнувајќи ја улогата на неговата земја во решавањето на регионалните кризи.
Денеска, турското знаме повторно се вее пред зградата на амбасадата во Дамаск, лоцирана во дипломатскиот кварт. За привремен вршител на должност на амбасадор е назначен Бурхан Короглу, кој досега беше амбасадор на Турција во Мавританија.
Амбасадата на Турција ја прекина својата работа на 26 март 2012 година, поради влошувањето на односите меѓу Анкара и режимот на Асад, но со денешното отворање, активностите се официјално обновени.
Економија
Инспекторите влегоа во маркетите, производите се намалени за 10%
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) започна контроли низ ланците на маркети низ целата земја, со фокус на производите од „Новогодишната кошница“, кои од денеска се дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме!“, иницирана од Владата.
Од досегашните контроли е потврдено дека цените на производите опфатени во „Новогодишната кошница“ се намалени за 10% и соодветно обележани на полиците.
„Инспекторите вршат редовни контроли во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија, со цел да ги споредат моменталните цени со најниските цени на овие производи во изминатите 30 дена“, информираа од ДПИ.
Кампањата, која ќе трае до 15 јануари 2025 година, ги вклучува 80 трговци и 960 основни прехранбени производи, додека листата на производи е достапна на веб-страницата www.mojakosnica.mk. Според Пазарниот инспекторат, постои можност листата да се прошири и да вклучи повеќе од 1.000 производи.
ДПИ апелира до граѓаните да пријавуваат евентуални неправилности на телефонскиот број 191 или на официјалната веб-страница www.dpi.gov.mk, истакнувајќи дека транспарентноста и соработката со јавноста се клучни за успешна реализација на кампањата.
„Оваа иницијатива има за цел да им овозможи на граѓаните пристап до квалитетни производи по пониски цени, особено во пресрет на новогодишните празници“, додаваат од Инспекторатот.