Топ
23-годишната девојка од Грчец управувала со „Аудито“ кое излета во Вардар кај Рашче
23-годишната Н.А. била зад воланот на возилото „Ауди“ кое пред два дена излелета од патот Сарај-Рашче и заврши во реката Вардар, информираат од МВР.
Несреќата резултираше со три жртви кои беа заглавени во превртеното возило во реката, а во текот вчерашниот дена, во 14:48 часот, беше пронајдено и безживотното тело на исчезнатото машко лице, А.А., во близина на местото на несреќата.
Полицијата го објави идентитетот на трите женски лица Н.А.(23), В.А.(25) и З.А.(59) сите од село Грчец, скопско. Единствено кој ја преживеа оваа несреќа беше 5-годишното момче кое излетало од возилото за време на падот. Тоа се спасило држејќи се за гранките, а беше пронајдено од локални минувачи.
Во соопштението од полицијата се потврдува дека е пронајдено машкото лице по кое се трагаше. На ова тело, како и на претходните жртви, јавниот обвинител издаде наредба за извршување обдукција, со цел утврдување на точните причини за смртта.
„Се работи на утврдување на причините за трагичната несреќа, а обвинителството продолжува со истрагата. Трагичните настани ги потресоа сите нас и напоменуваме дека истрагата ќе продолжи со цел да се утврдат сите околности“, изјавија од ОЈО.
Инаку детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа кај Рашче, се очекува наскоро да биде пуштено на домашно лекување.
„Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, кое има пет години“, изјави вчера директорот на Детска хирургија.
Полицијата продолжува со истражување на настанот и преземање на сите неопходни мерки за расветлување на сообраќајната несреќа која заврши со човечки жртви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Членките на НАТО треба да трошат 5 отсто за одбрана
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека земјите од НАТО треба да потрошат пет отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, во споредба со сегашната цел од два отсто.
„Секој може да си го дозволи тоа, но тие треба да бидат на 5 отсто, а не 2 отсто“, рече тој за време на прес-конференцијата во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида.
„Јас сум тој што ги натера да платат 2 отсто“, продолжи тој.
Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, долго време беше критичар на НАТО, тврдејќи дека многу европски членки не сакаат да плаќаат за сопствената одбрана, туку се потпираат на американските даночни обврзници.
Свет
Голем број куќи се срамнети со земја – најмалку 126 лица загинаа во земјотресот на Тибет, а околу 200 се повредени
Најмалку 126 лица загинаа во силниот земјотрес што денеска ги погоди подножјето на Хималаите во близина на едно од најсветите места во Тибет, објавија кинеските власти.
Земјотресот со јачина од 7,1 степен се случи на околу 80 километри северно од Монт Еверест, највисокиот врв на светот, а беше почувствуван и во соседните земји Непал, Бутан и Индија.
Земјотресот најсилно го погоди тибетскиот регион Шигаце, каде живеат околу 800.000 луѓе. Регионот е управуван од истоимениот град, традиционалното седиште на Панчен Лама, една од најважните фигури во тибетскиот будизам.
Бројни куќи во областа се срамнети со земја, покажуваат снимките од службите за итни случаи на Тибет. Ситуацијата дополнително ја комплицираат ниските температури од -6 степени, кои во текот на ноќта би можеле да паднат и до -16.
Покрај досегашните 126 загинати, повредени се и 188 лица. Далај Лама, духовниот водач на Тибет, кој беше протеран во 1959 година со илјадници тибетански бегалци кои бегаа од кинеските комунистички власти, рече дека е длабоко тажен од веста.
Повеќе од 1.500 локални пожарникари и спасувачи се испратени во погодените области, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Југозападните делови на Кина, Непал и северна Индија често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.
Во 2015 година, Непал беше погоден од земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтер, одземајќи околу девет илјади животи.
Непалската национална управа за намалување и управување со ризици од катастрофи соопшти дека потресите биле почувствувани во седум ридски области кои граничат со Тибет.
Многу села во непалската погранична област се ретко населени и доста оддалечени, а до нив може да се стигне само пеш.
На 20 километри од епицентарот се три града и 27 села. Таму живеат вкупно околу 6.900 жители, објави Ксинхуа.
Македонија
Сиљановска ја образложи одлуката за ветото, Мицкоски најави корекции: „Ќе биде прецизно формулирано“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека немала намера да употреби вето за да навреди некој јазик или нација, ниту, пак, се водела од партиски совети.
Таа рече дека за спорните членови 9 и 10 од Законот за заштита на децата ги информирала Владата и надлежните министри пред да го достави указот до Собранието и се водела од Уставот, Законот за македонски јазик и Законот за употреба на јазиците.
„Јас не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“, изјави Давкова одговарајќи на новинатско прашање, појаснувајќи дека во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.
Давкова рече дека кога испитот се полага на албански јазик, не е спорно да се добие и лиценца на албански јазик, но во членовите има одредби што парламентарниот состав треба уште еднаш да ги прочита.
Од Владата претходно порачаа дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен според забелешките на претседателката, па повторно вратен во собраниска процедура, а на прашањето денес се осврна и премиерот, Христијан Мицкоски.
„Како што сум информиран станува збор за член 9 и 10 од истиот закон, и тие два члена, така како што се формулиани се спротивни на Уставот и на Законот за јазиците. Мислам дека е формалност и рутина и ќе бидат коригирани во согласност со Уставот и Законот за јазиците, и вратени во парламентарна процедура. Очекувам успешно усвојување. За сите оние кои влегуваат во рамките на Законот за употреба на јазиците, станува збор за сите оние припадници кои се повеќе од 20 отсто, несмасно е сето тоа направено, тоа е една формулација која ќе се надмине наскоро. Се знае, службен јазик е македонскиот јазик, но сите оние во случајот Албанци кои ќе сакаат и ќе побараат на албански да биде формуларот за полагање на лиценцата, ќе биде тоа прецизно формулирано и согласно уставот и законот за јазици ќе го добијат тоа право“, рече Мицкоски.
Законот за заштита на децата е првиот закон за кој Сиљановска го употреби правото на вето и не го потпиша указот. Спорни според нејзе се одредбите од законот кои предвидуваат двојазични лиценци во градинките, бидејќи како што стои во забелешките „начинот на употреба на македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните“ се веќе уредени со Закон.